Зимски гуми или синџири: Како возат македонските пратеници
Пратениците како и останатите возачи се подготвуваат за зима. Зимската опрема за нив е задолжителна, бидејќи поголем дел од нив доаѓаат од внатрешноста и секојдневно патуваат до нивните работни места. Го почитуваат законот, но првенствено се грижат за личната безбедност, па до 15 ноември ќе ги заменат летните со зимски гуми, пишува Вечер.
Најголем дел од пратениците претстојниот викенд го резервирале за да ја завршат оваа обврска. Пратеникот Димитар Стевананџија од Прилеп раскажува како го поминува Плетвар во зимски услови.
"Носам зимска опрема, дневно поминуваме по 300 километри и не смееме ништо да и препуштиме на случајноста. Го поминуваме Плетвар и заради безбедносни причини секогаш ги менуваме гумите. Уште пред два дена си ставив потсетник во телефонот дека треба да ги сменам гумите на возилото и ако не денес, тоа ќе го сторам до крајот на неделава. Секогаш во возилото ја носам и целата зимска опрема, освен синџири", вели за Вечер Стевананџија.
Пратеникот Ромео Тренов е од струмичко Ново Село. До работното место во Собранието секој ден доаѓа со автомобил. Ги почитува законите и задолжително носи зимска опрема.
"Јас сум секој ден на пат и сакал или не, поради безбедносни причини морам да ги менувам гумите. Да бидам искрен, се уште не сум го сторил тоа, ама планирам викендов да ги заменам гумите. Сигурно дека тоа ќе биде пред законски утврдениот рок - 15 ноември. Ги менувам гумите, но секогаш во зима ја носам и задолжителната зимска опрема. Кога патувам во зима носам и синџири", додава Тренов.
Снег нема, ама пратеникот Љупчо Димовски ги подготвува зимските гуми.
"Имам и летни и зимски гуми, но уште не им дошло ред на зимските. Досега не паднал снег, па не сум ги ставил зимските гуми, но секако дека тоа ќе го сторам пред законски утврдениот рок. Поседувам и зимска опрема и синџири, кутија за прва помош и се што е предвидено со закон", открива Димовски
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа