„Ќе оздравам за своите деца" - исповед на докторката од Штип која се бори за живот
Докторката Евица Бојаџиева од Штип има само 34 години, а веќе две години е во костец со ракот на жолчните канали - една од најретките болести на светот. Болеста е ретка и тешка, се јавува кај едно лице во сто илјади.
Во интервју за Дневник таа вели дека заради своите две деца има неверојатна желба да се бори за сопствениот живот и да оздраве, а потоа сака да им помогне на сите други болни.
- Една зима почувствував болки во рамото, но сметав дека не е ништо страшно. Доев, па мислев дека е поради тоа што го држам детето в раце. Но, болката се префрли во грбот, па помислив дека е напад на бубрег. Отидов на лекар, кај моја колешка, докторка, да се прегледам на ехо. Тогаш првпат сама си ги видов метастазите. Докторка сум и точно знаев што гледам. Не паничев, решив да испитам се и да се борам. Мојот најголем мотив ми се децата, за нив ќе оздравам, вели Евица за весникот.
За неколку дена патува за Kина, оти „Ренканг болницата” во градот Донг Гуан е единствена болница во светот што на Евица и дава надеж дека ќе и помогне во борбата да се излекува и дека со своите деца здрава ќе шета по штипските сокаци.
Третманот што го нудат во болницата е одобрен од реномирани светски здравствени организации. Се применува терапија што е комбинација од лекување со озон, соно-фотодинамична терапија или зрачење на канцерогените клетки, хемотерапија, но и лекување со традиционална кинеска медицина со билки. За да доде до здравје, потребни и се 120 илјади американски долари, кои таа ги нема, пишува Дневник.
- Ова е многу е специфична и ретка болест. Изгубив многу време додека ја дијагностициравме. Ги исцрпев сите можности за лекување. Речиси на нозе ги издржав неподносливите хемотерапии, боцкањата, тестовите и страшните бодежи од болка. Сите напори за да се стопира болеста, да се направат операции во Словенија, Германија и во Италија, беа залудни, болеста се ширеше многу бргу. Сега веќе имам метастази на белите дробови и коските. Многумина колеги дигнаа раце од мене, дури ми кажаа неубави работи. Но, јас знам со што се борам и знам зошто. За децата вреди и светот да се сврти. Една вечер додека имав страшни болки, кога многумина ја веднеа главата пред мене, јас се скршив и решив на „Фејсбук“ да ја споделам мојата мака и да побарам помош. Знам дека пари за лекување им се потребни и на многу други, но да се вратам од Kина јас ќе помагам, вели Евица.
Целата сторија за оваа храбра жена, прочитајте ја на ДНЕВНИК
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа