„Аманетот за подобар живот и подобра иднина на Македонија го носиме и денес" - честитка од Груевски
Имам особена чест и задоволство од името на Владата на Република Македонија и од мое лично име, да Ви го честитам големиот државен празник, 23-ти Октомври – Денот на Македонската револуционерна борба, се вели во честитката испратена од премиерот Никола Груевски по повод денешниот празник.
-Овој исклучителен датум е симбол на почетокот на организираното македонско револуционерно движење и воскреснатата идеја за слобода и остварување на основните човекови права во Македонија. Овој државен празник преставува сеопфатен паметник за македонското револуционерно дело во кое подеднакво учествувале, го поддржувале и помагале луѓе од различни припадности, сите кои биле обесправени, кои посакувале достоинство и слобода. Организираното револуционерно движење бил нивниот одговор на состојбите кои им биле наметнати и времињата во кои живееле и како такво во секоја смисла е поврзанo со нашата земја – Македонија, вели Груевски.
Премиерот посочува дека целта која тие ја постигнале и темелот кој го поставиле биле сосема доволни за генерациите по нив да го превземат аманетот и да продолжат да се борат за слобода, за подобар живот, за подобра иднина на Македонија.
-Таквиот аманет го носиме и ние денес, нашата борба е економски развој, воспоставување на систем на вредности и принципи кои се во функција на развојот. Она што ќе го изградиме денес, тоа ќе го оставиме во наследство да го надоградуваат и развиваат нашите деца, нашите внуци и сите идни потомци. За постигнување на оваа цел е потребно единство и сплотеност околу важните и суштински прашања за напредокот на државата, потребно е меѓусебно почитување и разбирање, градење на доверба која ќе се темели на добрите дела кои меѓусебно ќе не зближуваат. Ваквите подвизи се можни и потребни, а за тоа говорат и многубројните дела и искуства на македонско револуционерно движење каде се покажало дека со единство и сплотеност заеднички можеме да постигнеме многу повеќе за сите нас, вели премиерот Груевски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа