Да ја градиме Македонија како силна и напредна држава - честитка од Вељаноски

 

Претседателот на македонското Собрание Трајко Вељаноски по повод 23 Октомври - Денот на македонската револуционерна борба, денеска упати честитка до сите граѓани на Република Македонија.

- Одбележувањето на 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба e потсетник за првата семакедонска организација и нејзината најголема цел да го обедини македонскиот народ и да ја исполни вековната желба за слободна Македонија. Македонската револуционерна организација е поттикнувачката сила и олицетворение на македонскиот непокор преку кој ќе се води бoрбата на сите генерации кои ќе следат до конечно остварување на најголемиот сон за слободна и независна Македонија, вели во честитката Вељаноски.

Подвлекува дека наша должност кон нашите револуционери, херои и борци е никогаш да не го заборавиме нивниот пат исполнет со безброј тешки препреки, но тоа е и единствениот пат кон успехот кој мораме и ние да го изодиме. - Ние мораме да ја чуваме слободата и независноста на Република Македонија, да го чуваме нашиот идентитет, нашето културно и духовно наследство, бидејќи тоа е долг кон нашите предци и обврска за нашите поколенија, истакнува претседателот на Собранието.

Јас сум уверен, нагласува Вељаноски во честитката, дека заедничка ни е определбата кон изградбата на нашата татковина Република Македонија во силна, модерна и напредна држава, со која ќе сме горди и посветено ќе работиме на успешно надминување на сите предизвици кои ќе следат. 

23.10.2014 - 10:25

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега