Здравствениот систем подготвен за враќањето на македонските државјани од аџилак
Здравствениот систем во Република Македонија е максимално подготвен да пречека околу 1.000 државјани на Македонија кои изминатите 20 дена престојуваа на аџилак во Саудиска Арабија, а од утре во следните 7-10 дена по сувоземен и по воздушен пат почнуваат да се враќаат во државата, поради можноста за внес во земјата на некои заболувања меѓу кои се колера, маларија, ебола и респираторна болест која се појавува на Арапскиот полуостров. Се зајакнуваат мерките на влезните точки во државата. Активностите се спроведуваат почнувајќи од влезните точки во државата до крајниот ланец на завршување на здравствениот надзор на тие лица.
Ова денеска го изјави претседателот на Комисијата за заразни болести, Ѕвонко Миленковиќ, кој рече дека системот веќе неколку месеци наназад активно се подготвува, а лицата кои патуваат во целост биле информирани за начините за заштита од акутни инфективни заболувања и им биле поделени флаери за начинот на постапување во различни ситуации.
По денеска одржаниот состанок на Комисијата, тој укажа на посебна едукација на лекарските тимови кои биле упатени заедно со тие патници и добиле одредени инструкции за постапување и организирано пристапување односно проективен контакт со лицата кои заминале на аџилак.
Она што го направивме како новина, посочи Миленковиќ, беше можноста за директен контакт пред враќањето на тие лица во земјата, а здравствените институции да бидат запознаени со нивната здравствената состојба во текот на нивниот престој во Саудиска Арабија, во текот на патувањето и особено по враќањето во Македонија.
- На состанокот фокус на нашиот интерес беше точно трасирање на моментот на враќање на нашите граѓани во Македонија, следење на нивната здравствената состојба, директен контакт со сите кои се враќаат во земјата. Задолжителна активност која се планира почнувајќи од утре се до враќањето на сите граѓани се 24-часовни дежурства од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат и на центрите за јавно здравје и други структури, истакна Миленковиќ.
Потенцира дека особено е посветено посебно внимание на точно определување на местата за изолација на евентуално заболените лица, како и на сите постапки од нивниот транспорт до местото на нивна хоспитализација и натамошен нивен третман.
- Секој кој се враќа во Македонија е предмет на здравствен надзор кој се однесува на ебола и на респираторно заболување присутно во областа каде тие лица престојувале. Добиваат податоци на кои симптоми во кој временски период (максималните 21 ден) ќе треба да посветат внимание, додаде Миленковиќ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа