Спасески: Во првите 100 дена реализирани осум од 40 проекти - во тек се 24

 

Дозволете на денешната прес конференција да информирам за досегашниот степен на реализација по однос на сите проекти и активности во областа на спортот и младите, во првите 100 дена од работата на Владата на Република Македонија предводена од ВМРО–ДПМНЕ, а реализирани преку Агенцијата за млади и спорт.

 интегрален текст од прес конференцијата на Марјан Спасески

Во овие 100 дена од конституирањето на новата Влада, од вкупно 40 проекти предвидени во предизборната Програма, Агенцијата за млади и спорт има реализирано 8 проекти кои ги даваат очекуваните ефекти, а во тек е имплементација на  24 проекти, кои очекуваме да се реализираат и пред предвидениот рок.

Со реализација на проектите од областа на спортот и спортската инфраструктура, придонесуваме за подобрување на условите за спортување, натпреварување и рекреирање на сите граѓани и создаваме современи спортски капацитети за подобар развој на спортот.  Во првите 100 дена го изградивме и свечено го предадовме во употреба спортското игралиште во селото Октиси, општина Струга, а целосно завршен е и спортскиот полигон на ул. „Христо Батанџиев” во општина Ѓорче Петров, кој што опфаќа 1 повеќенаменско и 1 кошаркарско игралиште со акрилна подлога, прво од ваков вид во државата.

Одличен ефект и процент на реализација имаме и на проектот за изградба на 100 повеќенаменски игралишта. Имено, од вкупно 42 игралишта кои што беа започнати со градба, само во првите 100 дена свечено отворивме 4 игралишта, а уште 25 целосно ги завршивме и подготвени се за свечено отворање. Останатите 13 игралишта се во фаза на градба, истите се реализираат со одлична динамика и ќе се завршат до крајот на оваа година. Го продолживме и проектот за изградба на 120 тениски терени низ целата држава, од кои досега изградени се 39, а во првите 100 дена започнавме со градба на други 26 тениски терени, со сертифицирана тврда акрилна подлога која ги исполнува меѓународните стандарди и правилата на ITF (Меѓународната тениска федерација), а се опремени и со рефлекторско осветлување за игра во вечерните часови. Овие игралишта очекуваме да финишираат до крајот на годинава.

Во завршна фаза е проектот за изградба и опремување на 10 фудбалски игралишта со вештачка трева, по најсовремени стандарди кој се реализира во соработка со ФФМ, (Проект Hat-trick, донација на UEFA) во општините Ѓорче Петров, Гостивар, Штип, Битола, Прилеп, Велес, Тетово, Струмица, Охрид и Кратово.

Кога на сето тоа ќе се додадат и проектите за изградба на нови спортски сали на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј”, на Државниот Универзитет во Тетово и во ОУ„Крсте Мисирков“ во општина Гази Баба кои се во тек и се реализираат со одлична динамика, овозможуваме максимални услови за спортување на студентите и учениците и полека но сигурно ја менуваме спортската мапа во нашата држава.

Во првите 100 дена продолживме со директната поддршка на професионалните спортисти со што помагаме за унапредување на професионалниот спорт, но истовремено го поддржуваме и подобруваме масовниот и училишниот спорт преку реализацијата на проектот „Летен училишен камп со познати спортисти и спортски тренери“ преку кој секоја година најдобрите ученици од училишните спортски лиги се наградуваат со 7-дневен престој во Охрид и дружење со бројни спортисти и спортски работници. Во изминатиот тримесечен период ја завршивме постапката за доделување на стипендијата “Спортска надеж”  за млади талентирани спортисти  до 20 години во сите спортови кои оствариле високи резултати во националниот систем на натпревари, како и во меѓународни рамки. Доделивме 500 стипендии, а во оваа мерка беа вклучени и учениците од Спортската академија. Продолживме и со валоризацијата на успесите на македонските спортисти кои постигнуваат врвни спортски резултати на меѓународна спортска сцена и доделивме Национално спортско признание, популарно наречено “Спортска пензија” на уште двајца врвни спортисти, со што вкупната бројка на носители на овој вид признание се искачи на 36. И годинава, на Денот на независноста на Република Македонија ја доделивме државната награда за остварувања во областа на спортот “8-ми Септември”, на 5 врвни спортски великани, за исклучителен придонес во развојот на спортот, афирмацијата и промоцијата на Република Македонија на меѓународен план.

Во фокусот на нашето внимание покрај спортистите, учениците и студентите се и наставниците по физичко образование за кои и годинава го спроведовме проектот за нивно стручно  усовршување кое е насочено кон дополнително оспособување и континуирана едукација, заради стекнување нови знаења и нивно имплементирање во постојниот систем на воспитно-образовнот процес. Ја започнавме и кампањата за Елиминација на допингот во спортот, во подготовка се измените во Законот за спорт со кои се предвидува воспоставување на категорија “Спортски амбасадори”, а летово во периодот од 2-ри до 30-ти август во Струга, го реализиравме и проектот Спортско лето – спорт за сите, со кој обезбедивме бесплатни часови за обука во повеќе спортови за сите заинтересирани граѓани.

Во делот на младите, продолживме со реализација на проекти со кои се потврдува нивната движечка сила како промотори на новите вредности на општеството и државата. Имено, како никогаш досега младите луѓе добија бенефиции, со кои се подобрува општата благосостојба и се потенцира нивното значење во општеството. Само во првите 100 дена го реализиравме проектот „Слободен четврток“, со кој за сите студенти, секој четврток во месецот се овозможи бесплатен превоз во градските автобуси, жичарницата на Водно и железничкиот сообраќај во Република Македонија, како и бесплатно посетување на театрите, музеите и кината во Скопје и во државата. Истовремено, обезбедивме 50% попуст за младите луѓе до 29 години за влезници за театар, музеј, опера, балет и филхармонија, а една година пред планираниот рок ги реализиравме проектите за бесплатен викенд во месецот за превоз во железничкиот сообраќај за млади лица до 27 години, како и проектот за „50 % попуст за ученици и студенти во железничкиот сообраќај“ на повеќе релации низ Македонија и тоа: Скопје – Битола, Скопје – Гевгелија, Скопје – Кочани,  Скопје – Куманово и Скопје – Кичево.

Започнавме со реализација на проектот “Млади поети” со кој ја покажуваме нашата поддршка за младите автори и за унапредување на македонската литература, а со реализацијата на проектот “Урбан ѕид“, овозможуваме соодветен простор за младите да ја изразаат  својата креативност без да оштетат некој јавен објект во општините. Ја продолживме Националната Кампања против говор на омраза, а за прв пат, иако не беше дел од Програмата, во текот на месец јуни беше организиран Саемот на младински организации, каде учество земаа околу 50 младински организации, како од Република Македонија, така и од други Европски држави. Во фаза на реализација се и проектите за изработка на Веб-порталот за млади и Истражувањето на младинските трендови во Република Македонија, кои треба да го вклучат и реформираат младиот човек од пасивен набљудувач во активен чинител во современото македонско општество. 

Ова се само дел од проектите на кои работиме, а се содржани во новата владина програма.  ВМРО-ДПМНЕ и во иднина продолжува со реализација на ветеното, со промоцијата и поддршката на спортот и младите. Владата на Република Македонија, предводена од ВМРО-ДПМНЕ,  преку Агенцијата за млади и спорт продолжува со максимална посветеност во реализацијата на програмите за развој на спортот и подобрување на положбата на младиот човек во нашата држава.

09.10.2014 - 14:05


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега