Словенечкиот амбасадор Бранко Раковец ја посети општина Битола
Словенечкиот амбасадор во Република Македонија Бранко Раковец денеска ја посети Битола и се сретна со градоначалникот Владимир Талески, како и со стопанственици од овој град кои соработуваат или имаат намера да соработуваат со компании од Република Словенија.
Според амбасадорот Раковец, бизнис средбите на менаџерите од двете држави имаат одличен простор за соработка благодарение на пријателските односи меѓу двете држави.
- Продолжуваме со промоцијата на словенечката економија во Македонија која во Битола ја претставуваме со интересен бизнис настан на кој претставници на словенечки и македонски претпријатија имаат можност да ја продлабочат одличната економска соработка што ја имаат двете пријателски држави. Убеден сум дека бизнисмените од двете држави ќе ги искористат овие можности што им ги приредуваме. Но, освен за економска ние развиваме соработка и на други полиња што се од заеднички интерес, посочи Раковец.
Градоначалникот Владимир Талески на денешната прес конференција информира дека Битола нуди широки можности за инвестирање и влез на словенечки капитал во Пелагонија.
- Средбата на стопанствениците од двете држави кои воедно се и претставници на соодветните стопански комори овозможува реализација на одлична идеја за директна соработка. Со амбасадорот Раковец разговаравме и за други перспективни можности, реализација на идеи поврзани со Националниот парк „Пелистер“ со можност за инвестирање во зимски центри или капацитети во таа сфера. Динамиката на соработка ќе ја зголемуваме и преку нашиот збратимен град Крањ кој наскоро ќе има нов градоначалник бидејќи во Словенија се во тек локални избори. Ќе се потрудиме заедничката соработка да биде и ефикасна, нагласи Талески.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа