Жолтицата зема замав - 16 пациенти завршија на Инфективно

 

На Клиниката за инфективни заболувања во моментов има 16 хоспитализирани пациенти болни од заразна жолтица, или хепатит А. Хоспитализираните се со добра клиничка слика. Викендов бил примен уште еден пациент со сиптоми на жолтица, но се чека серолошка потврда. Во моментов не постои епидемиолошка поврзаност на случаите, ниту пак може да се каже дека има поголем број случаи отколку што тоа било во некои изминати години, изјави денеска заменик-директорката на Клиниката за инфективни болести Снежана Стојковска.

- Генерално нема некаква епидемиолошка поврзаност, освен кај децата на најмала возраст. Со појавата на заболување кај еден член на семејството има и појава и кај другите членови, рече Стојковска.

Таа потврди дека во последниве неколку месеци има зголемување на бројот на заболени од почетокот на годинава, но потенцира дека тоа не е ништо што не се случувало и во минатите години.

- Од почетокот на годинава имавме еден, два па три пациенти. Последните месеци се зголемува од 7, 11, 14... така што вистинската бројка ќе се види во наредните месеци. Кога се работи за хепатит А како и сите други заразни заболувања и овде се јавива една циклучност во појавата. На пет до шест години има циклуси на значително зголемување на бројот на појавноста на заболувањето. На пример во 2009 година имало 200 болни, рече Стојковска.

Стојковска потенцира дека добрата работа кај ова заболување е тоа што таа по правило нема тешки манифестации и не остава тешки последици по здравјето. Иако болеста предизвикува големо оштетување на црниот дроб, со добро лекување тој брзо се регенерира и опоравува.

25.08.2014 - 16:07
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега