Њујорк или Бурса: Чаирчани ќе избираат помеѓу два архитектонски концепти

 

 

Најжестоката битка на локалните избори ќе се води помеѓу два концепти - Њујорк со мексикански шмек или историската Бурса. Чаирчани на изборите ќе треба да изберат помеѓу овие два архитектонски избори, објави Сител.

Двајцата кандидати за градоначалници на Чаир, Изет Меџити и Бујар Османи најавија соработка со странски архитекти, кои според најавите, треба да го променат лицето на општината која според обвинувањата од скопската градоначалничка, има над 100 диви згради. 

Изет Меџити од ВРЕДИ најави соработка со турскиот архитект Бајрам Вардар кој најголем дел од својата кариера ја поминал во општина Бурса на повеќе раководни позиции. Работел главно на изградба на урбаната сообрќајна инфраструктура, но и спортски објекти и градски паркови. 

-Бајрам, ни треба помош зашто густината на население што ја има Чаир не постои во регионот, ниту во Европа, ниту на Балканот. Ова го има само Истанбул, можеби и Бурса и неколку големи градови. Ние имаме потреба од искуство за да реши прашањето со убанизмот, сообраќајот и подземната инфраструктура, вели Меџити.

Османи, пак, се одлучи за светски признат архитект. Мишел Ројкинд е роден во Мексико сити, но главно работи во Њујорк, но неговите најзначајни дела се во Мексико. Станува збор за архитект кој сака современ изглед. 

Кандидатот на ДУИ преку Фејсбук ја објави соработката, но и во кратко видеа претстави тизер како го гледа Чаир во иднината доколку ја добие довербата од чаирчани.

Мишел Ројкинд го носи ова глобално искуство во Општина Чаир, помагајќи во обликувањето на нова визија за нејзината иднина. Неговиот фокус е создавање попријатен за живеење, инклузивен и футуристички град - каде што јавните простори негуваат заедница, култура и можности. Со докажана историја на претворање на амбициозни идеи во реалност, посветеноста на Ројкинд гарантира дека визијата на Чаир за утре ќе биде смела, веродостојна и трансформативна, вели Османи.

За што и да се одлучат чаирчани - дали општината да заличи на Њујорк или на Бурса, главното прашање на претстојните избори во Чаир се дивоградбите. Актуелната скопска градоначалничка подолг период алармира дека во Чаир над 100 згради се диви, и нелегално се приклучени на мрежите за електрична енергија и водовод.

19.08.2025 - 19:18

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега