Наскоро закон за сајбер безбедност, ќе ја штити целата држава
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски очекува Предлог законот за сајбер безбедност до крајот на месецов да ја помине владината процедура и на почетокот на јуни да влезе во собраниска процедура. Очекува новото законско решение да биде поддржано од сите пратеници зашто, како што вели, не станува збор за политички закон, туку за закон кој ќе значи безбедност на целокупното општество.
-Имајќи во вид колку сајбер нападите сега се насочуваат кон критичната инфраструктура и колку на удар може да бидат системите за производство и снабдување со електрична енергија од исклучително значење е ваквиот самит на кој ќе се дискутираат политиките на дигитализација во смисла на енергетиката, изјави Андоновски пред почетокот на Националниот самит за дигитална енергетска и безбедна критична инфраструктура.
Нагласи дека имаат воспоставено одлична соработка со Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини во делот на услугите кон граѓаните и компаниите.
-Се оди кон целосна дигитализација на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини зашто се клучен чинител во изработката на Националната стратегија за сајбер безбедност и на Законот за сајбер безбедност и се еден од примарните чинители во заштитата и сајбер безбедноста. Се надевам дека во наредниот период ќе успееме да изградиме целосен систем кој ќе го штити тоа Министерство и расположливите капацитети на Македонија во делот на енергетиката, рече Андоновски и додаде дека цела Европа посветува внимание на ова прашање.
Во моментов, како што вели, македонските енергетски капацитети се безбедни.
-Граѓаните треба да бидат спокојни. Електропреносниот систем е безбеден. Заради некои случки од пред година до година и половина во соработка со нашите стратешки партери се направени некои сериозни напори за обезбедување на мрежата и во моментов може да кажам дека станува збор за безбеден систем што не значи дека тоа е дадено еднаш за секогаш. Ќе треба дополнително да се работи на нивна заштита. Мислам дека со Законот за сајбер безбедност ќе обезбедиме патоказ како да се заштитуваат институциите и електропреносниот систем, посочи Андоновски.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска потсети дека лани во МЕПСО имаше сајбер напад кој траеше многу месеци.
-Тоа е критична инфраструктура за целата држава и мора да дадеме голем акцент, односно да се заштитени далноводите и целото наше производство и комуникација со хидро и термо централите. Тоа е од национално значење како и секаде во светот. Работиме на тоа во соработка со министерот за дигитална трансформација и со законот ќе има и новитети, потенцира Божиновска.
Процесот на заштита на енергетските објекти, како што рече, ќе го води Министерството за дигитална трансформација, а Министерството за енергетика ќе биде вклучено во тоа.
-За нас е најважно да бидеме безбедни бидејќи тоа е од национално значење. Се уште не сме разговарале кој ќе врши сајбер безбедност - приватна компанија или тоа ќе се прави со државни ресурси, но ќе разговараме понатаму и ќе го избереме она што ќе биде најдобро за граѓаните, рече Божиновска во одговор на новинарско прашање.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа