Народна банка подготвува мерки за поповолни станбени кредити, особено за младите

 


Гувернерот на Народната банка Трајко Славески најавува дека се подготвуваат нови мерки со кои ќе се овозможат подобри услови за кредитирање на становите коишто се купуваат за живеење, особено за прво купување. Целта, според него, е да се поддржи кредитирањето што се користи за решавање на станбеното прашање, особено кај младите, во услови кога цените на становите бележат континуиран раст.

-Најважна цел којашто си ја поставивме, а којашто произлегува и од мандатот на централната банка и е од општествен интерес, е да видиме како да се поттикне или да се овозможи поповолно кредитирање за објекти за живеење коишто се купуваат за првпат и ќе служат за живеење, затоа што е познато дека една третина од постојниот фонд на станови кај нас се празни, истакнал гувернерот Славески во интервју за регионалната  телевизија „Њузмакс Балканс“,  и објаснил дека мерките ќе се насочат кон разликување на кредитите за прво живеалиште од оние за инвестиции и шпекулативни цели, со цел да се олесни пристапот за граѓаните кои навистина имаат потреба од сопствен дом.

Според анализите на Народната банка, половината од прометот со станови се остварува со готовина, што создава притисок врз побарувачката и дополнително ги зголемува цените. Затоа, Народната банка планира, во соработка со банките, да ги анализира и да предложи мерки, притоа внимавајќи на стабилноста на банкарскиот сектор.

Гувернерот Славески нагласил дека предлозите за мерки ќе бидат доставени до банките заради консултација, со очекување дека ќе дадат резултати коишто ќе обезбедат подобар пристап до финансии за младите брачни парови и граѓаните кои сакаат да го решат станбеното прашање

08.08.2025 - 09:56

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега