Народе мој, време е - напиша Костадинов
Актуелниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, кој неодамна го „замрзна“ своето членство во СДСМ, најави почеток на „народна кампања – 365 дена со вас“. Преку објава на својот Фејсбук профил, Костадинов нагласи дека ова нема да биде кампања на зборови, туку на дела и покажување резултати.
„Од следната недела започнувам народна кампања – 365 дена со вас. 365 дена со луѓето! Не кампања на зборови, туку на дела. Не кампања на ветувања, туку на покажување“, напиша Костадинов.
Тој потсети дека досега бил постојано присутен меѓу граѓаните – на улиците, во селата, на пазарот, во дворовите, училиштата и градилиштата. Сега, како што најавува, дојде време да го презентира сето она што тој и неговиот тим го сработиле „чесно, посветено и со љубов“.
„Јас и мојот тим – 365 дена со народот. Нема фотелји, нема привилегии – само служба, чесност и резултати“, порача градоначалникот.
Костадинов истакна дека ова не е почеток на политичка кампања, туку „продолжение на животната мисија: да се служи на народот со срце, ум и одговорност“. Тој најави дека неговиот тим ќе биде таму каде што се секогаш – меѓу народот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа