МЗ: Македонија меѓу првите држави во Европа кои го усвоија најновиот европски стандард во дигиталното здравство – „Жолто копче“
Северна Македонија e меѓу првите држави во Европа кои го усвоија најновиот европски стандард во дигиталното здравство - „Жолто копче“, дел од европската регулатива European Health Data Space (EHDS)
На меѓународниот настан IHE-Europe Connectathon 2025 во Виена, националниот здравствен информатички систем „МојТермин“ успешно ги помина сите предвидени технички тестови, добивајќи највисока ознака за интероперабилност - Silver Industry Label, која го потврдува системот како технички усогласен со европските стандарди.
Преку новиот стандард „Жолто копче“, граѓаните ќе можат лесно, безбедно и транспарентно да пристапуваат до своите здравствени податоци, како што се општата здравствена состојба, медицински извештаи, алергии и нетолеранции, тековна терапија, дијагностички резултати, имунолошки статус и друго.
Овие податоци се прикажуваат во формат на International Patient Summary - еден вид „пасош за здравствените податоци“, универзално разбирлив и технички усогласен документ што ги собира најважните здравствени информации за пациентот.
Со ова, Северна Македонија уште еднаш се етаблира како земја-пионер во имплементација на европските здравствени дигитални стандарди, четири години пред нивната задолжителна примена во ЕУ (2029).
Претходно, земјата беше меѓу првите надвор од ЕУ што ги воведоа дигиталните COVID-сертификати и Smart Health Cards, благодарение на инфраструктурата на МојТермин.
Во согласност со планираните активности, новата функционалност ќе биде достапна за граѓаните преку „МојТермин“ до крајот на 2025 година, директно придонесувајќи за побезбедно управување со лични податоци, подобра грижа и полесна размена на здравствени информации во и надвор од земјата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа