МВР и РСБСП со кампања против заморот кај возачите: „Безбедно во лето - Вози одморен“

 


Покрај пречекорување на дозволената брзина и возење под дејство на алкохол, заморот претставува една од клучните причини за сообраќајни несреќи во текот на летниот период. Особено ризична е делницата од граничниот премин Табановце до Гевгелија, и во двата правци, каде секоја година се бележат повеќе сообраќајки со сериозни последици.

Оваа состојба се должи на тоа што станува збор за дел од европскиот транспортен коридор, по кој секојдневно се движат илјадници возила. Возачите, изморени од долгите часови зад воланот, често ја губат будноста и концентрацијата, а не е реткост некои дури и да заспијат при возење – што резултира со несреќи од трагичен карактер.

Со оглед на ваквата ситуација, Министерството за внатрешни работи и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, во текот на летната сезона, ќе спроведат едукативно-превентивни активности на двете насоки од Коридорот 10, под мотото „Безбедно во лето  - Вози одморен“. Денес кампањата на граничниот премин Богородица ја промовираа министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и претседателот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата Горан Ангелов.

Кампањата има за цел да ги потсети возачите на опасностите што ги носи заморот зад воланот, на сериозните последици што може да настанат од сообраќајки предизвикани од ненаспаност и намалена концентрација, како и да ги охрабри да прават редовни паузи, да пијат повеќе течности, да патуваат одморени и да го запрат возењето веднаш штом ги забележат првите симптоми на замор.

„Сакаме да ја подигнеме свесноста на сите оние коишто се зад воланот, во рамки на овие летни горештини, колку што може повеќе да пијат течности, да прават редовни паузи во рамки на возењето, да ги почитуваат сообраќајните правила, да не ја пречекоруваат пропишаната брзина. Целта е да имаме што може помал број на сообраќајни незгоди и жртви во нив. Како и досега, така и понатаму продолжуваме со голем број превентивни активности, коишто се поврзани со безбедно управување на моторните возила.“, потенцираше министерот Тошковски.

„Податоците покажуваа дека во текот на летото, во просек 15 лица месечно го губат животот. Тоа е бројка која не смееме да ја игнорираме и кон чие намалување мораме заеднички да работиме преку директни мерки и едукатно-превентивни активности. Клучната порака е да се тргне на пат само кога сме одморени и подготвени. Заморот и намалената концентрација се меѓу најчестите причини за сообраќајни незгоди во лето. Затоа возете смирено, одговорно и без агресија, без разлика на метежот. Избегнувајте возење во доцните ноќни часови кога особено влијае заморот но и при екстремно високи дневни температури“, потенцираше директорот на РСБСП Горан Ангелов.

Согласно наведеното МВР во соработка со РСБСП продолжува  со едукативни, сообраќајно превентивни активности, но и  со засилени контроли од страна на сообраќајната полиција. 

30.06.2025 - 14:03

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега