Муцунски во Анталија: Македонија е стабилен и конструктивен сојузник во НАТО
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вчера и денес во Анталија, Турција, учествуваше на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО.
Состанокот се одржа во пресрет на Самитот на НАТО во Хаг и претставуваше значаен аспект од консултативниот процес меѓу сојузниците за дефинирање на клучните елементи и приоритети во врска со прашањата што ќе бидат на дневен ред на самитот во јуни оваа година.
Во рамки на дискусијата, министрите ги истакнаа своите ставови за приоритетите по кои земјите членки на НАТО треба да изградат заеднички позиции: јакнење на капацитетите за одвраќање и одбрана, зголемување на одбранбените инвестиции, продолжување на поддршката за Украина и зацврстување на соработката со стратешките партнери и организации на Алијансата.
Министерот Муцунски ги пренесе приоритетните ставови на нашата земја, нагласувајќи ја важноста од зајакнување на солидарноста, единството и координираното дејствување во справување со заедничките закани и предизвици. Тој го подвлече придонесот на државата како стабилен и конструктивен сојузник, кој вложува континуирани напори за модернизација на сопствените капацитети и придонесува кон регионалната и колективната безбедност.
Во оваа насока, министерот го посочи интересот за адресирање на важноста на Западниот Балкан на Самитот во Хаг, како регион од стратешко значење за НАТО и ЕУ, потенцирајќи дека регионот мора да остане високо на агендата на двете организации, со цел зачувување на стабилноста и обезбедување натамошен просперитет како дел од европските и евроатлантските структури.
Неформалниот состанок е дел од подготовките за самитот на лидерите на Алијансата, каде што ќе се дефинираат следните клучни чекори за јакнење на НАТО како одговор на заедничките безбедносни предизвици.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа