Муцунски: Македонската дипломатија го врати достоинството и кредибилитетот на државата
Дипломатијата не е само надворешна политика-таа е карактерот на државата во очите на светот. Оваа година, изградивме карактер-достоинствен, цврст и целосно усогласен со националните интереси. Карактер што го носи секој вистински Македонец со гордост. Дипломатијата не се гради само со документи и средби, туку со секој збор, секоја постапка и секое партнерство. Токму во тоа успеавме. Од позиција на климање со глава, се вративме на патот на самопочит, стабилност и влијание. Денес, сме држава што гради, нуди и создава – со почит, визија и интегритет. Со ваков карактер, ја потврдивме нашата позиција како кредибилен и респектиран партнер. А најважно – ја вративме довербата на граѓаните.
Ова е пораката што денеска на прес-коференција по повод една година од функционирањето на новата Влада ја упати министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
Во овој период, додаде тој, повторно почнале да ги поставуваат темелите на македонската надворешна политика, што, како што истакна, достоинствено ги претставува, брани и застапува македонските национални интереси на меѓународната сцена, политика изградена врз три постулати: стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави, целосната усогласеност со заедничката безбедносна и надворешна политика на Европската Унија, и активниот придонес во рамките на НАТО Алијансата.
-Пред една година затекнавме институција без ред и систем. Министерство во кое се прекршувале закони, каде унапредувањата се вршеле спротивно на законските прописи, а амбасадори се испраќале без почитување на процедура-по пријателска линија и лични интереси. Сите бевме сведоци на низа скандали, очигледни прекршувања на Законот за надворешни работи, индиции за криминал и злоупотреби, за кои веќе постапуваат Министерството за внатрешни работи и други надлежни институции. Денес, една година подоцна, уверен сум дека ги поставивме темелите на нова, стабилна и професионална дипломатија. Го вративме професионализмот во прв план и значајно го подобривме функционирањето на целиот државен систем вклучен во дипломатските процеси, истакна македонскиот шеф на дипломатијата.
Според него, клучен чекор во оваа насока било донесувањето на новиот Закон за надворешни работи – со кој е зголемен задолжителниот процент на професионални амбасадори. Подобрение се, рече, условите за работа на дипломатите, ги презедовме надлежностите во делот на надворешната трговија и воспоставивме јасна законска рамка за улогата на законодавниот дом во меѓународните односи.
-Втората половина на 2024 и првата половина на 2025 беа период во кој ги поставивме темелите на промените што доаѓаат. Во периодот од конституирањето на Владата до денес, со новопоставените цели и приоритети на Владата и МНРНТ, постигнавме суштинско редефинирање на македонската надворешна политика – проширена и со портфолиото на надворешна трговија. МНРиНТ заедно со дипломатската мрежа, водеше активна, динамична и ефективна политика. Фокусот беше ставен на јакнење на билатералниот политички дијалог и економската соработка-со стратешките партнери, со соседите преку добрососедски односи, со земјите-членки на НАТО и ЕУ, како и со држави од сите региони-билатерално и во рамките на мултилатерални организации, со цел успешно позиционирање на државата на меѓународната сцена, истакна на прес-конференцијата Муцунски.
Истовремено, истакна, спроведени се значајни активности за унапредување на улогата на Министерството како ефикасен сервис за граѓаните дома и во странство-преку афирмација на националните културни вредности, подобрување на конзуларните услуги и зајакната комуникација со македонските заедници и дијаспората.
Реализиравме интензивна политичка агенда, исполнета со посети и средби на високо ниво, истакна Муцунски, додавајќи дека како Министерство ги продлабочиле односите со традиционалните партнери и изградиле нови пријателства. Особено важно, рече, е потпишувањето на договорите за стратешка соработка со Турција и Унгарија - како дополнителна потврда за блиската и динамична соработка.
-Членството во НАТО останува клучно. Годинава одбележавме 5 години од приклучувањето кон Алијансата. Министерството беше активно во исполнување на обврските како членка и унапредување на соработката. Формиравме Совет за координација на прашања од НАТО интерес, со кој претседава Претседателот на Владата. Активно учествувавме на состаноците на министрите за надворешни работи, дадовме придонес во заедничките политики, зајакнавме соработката во рамките на А5, учествувавме во мисиите КФОР и ЕУФОР Алтеа. Последно – Самитот во Хаг пред неколку дена, каде беа донесени клучни одлуки за иднината на Алијансата, истакна Муцунски.
Додаде дека во делот на ЕУ интеграцијата – подготвиле и усвоиле Реформска агенда 2024–2027, дел од Планот за раст на Западен Балкан. Со навремена имплементација, според него, земјава станала прва држава што доби предфинансирање од 52,4 милиони евра.
Во ноември 2024, во Брисел, со високиот претставник Жозеп Борел го потпишавме Партнерството за безбедност и одбрана – прво од ваков вид во регионот. На 23 мај 2025 во Скопје, со присуство на претставничката Каја Калас, се одржа и првиот Дијалог за безбедност и одбрана со ЕУ.
Во обраќањето тој нагласи дека партнерството со САД останува столб на надворешната политика, издвојувајќи ја посебно средбата со државниот секретар Марко Рубио на 29 мај – втора средба во кус временски период. Во регионот, нагласи, зермјава останува посветена, на стабилноста и развојот. На мултилатерален план, посебен успех, според Муцунски, е изборот за членство во Советот за човекови права и реизборот во Извршниот совет на OPCW.
Дијаспората, нагласи, останува важен дел од надворешната политика, поддржани се 25 проекти, се евалуираат 117 нови, се работи на избор на стипендисти, и се изработува Национална стратегија 2025–2030. Почнавме и со формирање Научен и Економски совет.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа