Муцунски: Културната дипломатија – мост за разбирање, не бојно поле
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, на Третиот форум за културна дипломатија, што се одржува денеска во Скопје, во своето обраќање, нагласи дека културната дипломатија не е само средство за афирмација на националното културно наследство, туку и моќна алатка за градење мостови на разбирање и пријателство, особено во време на глобални предизвици.
Форумот, во организација на Меѓународниот центар „Алијанса на цивилизации“ и Институтот за културна дипломатија од Германија, како што информираат од МНРиНТ ги обединува експертите од областа на културната дипломатија, одржливиот развој и меѓународните односи, со цел унапредување на глобалната соработка и афирмирање на културата како клучен елемент во градењето мостови меѓу народите.
-Историјата нè учи дека културата може да биде и бојно поле и терен за дијалог – нашата заедничка одговорност е да ја избереме втората опција. Од тие причини, денес сè почесто не зборуваме за судир на цивилизации, туку за предизвици во рамките на нашите општества – во начинот на кој ја разбираме и прифаќаме различноста. Во време кога некои гледаат на културата како средство за геополитички цели, ние ја афирмираме како простор на соживот и заемно почитување. Европската идеја, чиј дел сме, е токму тоа – заедничка иднина изградена врз културна различност, отвореност и солидарност, истакна Муцунски.
Во своето обраќање поранешниот претседател на државата Ѓорге Иванов истакнал дека третиот форум за културна дипломатија се одржува во време кога светот се соочува со војни, кога светот се распарчува со нови линии на поделби, кога децата умираат под рушевините на „стратешките цели“, кога климата и совеста се подеднакво загрозени.
-Форумот го одржуваме кога секојдневно се соочуваме со безбедносни, еколошки, здравствени кризи, социјални неправди и морални дилеми. Затоа должни сме да ги отвораме не само умот, туку и совеста. Денес не треба само како политичари, дипломати, научници или уметници — туку како луѓе кои веруваат дека иднината мора да биде изградена врз основа на човечкото достоинство, истакна тој во обраќањето на форумот.
Во рамки на форумот, како што информираат од МНРиНТ, Муцунски остварил и средба со поранешниот претседател Ѓорге Иванов, на која бил потпишан Меморандум за соработка помеѓу Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и Меѓународниот центар „Алијанса на цивилизации“, застапуван од Иванов.
На свеченото отворање на форумот свои обраќања, освен Муцунски и Иванов, имале и поранешниот претседател на Чешката Република, Вацлав Клаус; поранешниот претседател на Република Албанија, Реџеп Мејдани; поранешниот министер за надворешни работи на Финска, Ерки Туомиоја и поранешен министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска, Миро Ковач.
Целта на меморандумот е унапредување и збогатување на соработката во доменот на јавната дипломатија, развојот на културната дипломатија и афирмацијата на македонската култура и идентитет во странство, како и во други области од заемен интерес.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа