МОН: Нашите деца заслужуваат да се развиваат како нивните европски врсници
Министерството за образование и наука им го честита Меѓународниот ден на образованието на учениците, студентите, учителите, родителите и на сите на кои образованието им е важен дел од животот и ги повикува да учествуваат во процесите на градење здрав воспитно-образовен систем, кој ги пресретнува барањата на времето во кое живееме.
- Нашите деца имаат право на квалитетно образование и тие заслужуваат да направиме многу повеќе, за да им овозможиме да се развиваат како нивните европски врсници.
Образованието има приоритет за оваа Влада. Со најголем буџет досега, со речиси 40 милијарди денари, оваа година ќе вложуваме во сите сегменти – во нови училишта и реконструкција на постојните, во оптимизација на училишната мрежа, во едносменска настава и продолжен престој на учениците во училиште, во јакнење на образовната асистенција и инклузија по мерка на децата, во ученички и студентски стандард и високо образование кое дава врвни знаења, во јакнење на професијата наставник и во регулатива што ќе биде темел на сé ова.
Нашите заложби се темелат на уверувањето дека Македонија нема друга алтернатива освен да ја водат учени луѓе, со квалитетни знаења, широки погледи и демократски капацитет, подготвени за борба на мислења, изградени низ системот на образование како личности со вредности.
Министерството и Владата можат да направат многу, но за да го направиме исчекорот што ни е потребен кон создавање квалитетно образование, треба сите заедно, секојдневно да придонесуваме за безбедни училишта, поддршка за учениците, градење култура на дијалог, развивање емпатија, истакнување на моралните вредности. Да им овозможиме на децата да растат и да се образуваат во средини каде можат слободно да ги споделат своите видувања. Денешните ученици се иднината на оваа земја. Вложувајќи во нив, придонесуваме за нивниот просперитет, но и за заедничкиот напредок, стои во честитката од МОН по повод Меѓународниот ден на образованието.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа