Минхен: Навивач загина по пад од трибина за време на финалето Португалија – Шпанија
Финалето на Лигата на нации меѓу Португалија и Шпанија, кое синоќа се одигра на стадионот „Алианц Арена“ во Минхен, беше засенето од трагедија – еден навивач загина откако паднал од горниот дел на трибините.
Додека Португалија славеше победа по пенал-рулетот и нов трофеј, на трибините се случувала драма. Според првичните информации, несреќата се случила ненадејно, а причините засега остануваат непознати. Се претпоставува дека станува збор за несреќен случај.
Медицинските екипи веднаш интервенирале, а обезбедувањето и полицијата направиле безбеден коридор за да му се помогне на навивачот. За жал, обидите за реанимација биле неуспешни и лицето починало на самото место, во 00:06 часот.
Веста за трагичниот настан прв ја сподели селекторот на Шпанија, Луис де ла Фуенте, кој на прес-конференцијата по натпреварот изјави:
„Најпрво сакам да изразам длабоко сочувство до семејството на навивачот кој почина. Ова нè потсетува на тоа што навистина е важно во животот.“
Подоцна со официјално соопштение се огласи и Европската фудбалска федерација (УЕФА):
„Имаше итен медицински случај на стадионот ‘Алианц Арена’ во Минхен. И покрај сите напори на медицинскиот тим, лицето за жал почина. Нашите мисли и сочувство се со семејството и пријателите на починатиот.“
Организаторите и локалните власти најавија дополнителна истрага за да се утврдат околностите на трагедијата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа