Мицкоски: Заврши првата фаза на санирање на хидросистемот Ѓавато
Заврши првата фаза на санирање на хидросистемот Ѓавато. Премиерот Христијан Мицкоски објави дека бунарскиот дел е комплетно завршен, пуштена е водата и нема протекување никаде.
-На првата шахта е монтирана една репарациона спојка, на втората шахта монтирани се две репарациони спојки, на делот каде што се спојува цевката Ф273 со Ф914 - извршено е заварување со дупли лимови. Останува уште една интервенција на цевката за испуст и со тоа ќе бидат дуплирани количините вода кои ќе се влеваат во Дојранското езеро, вели Мицкоски во објава на Фејсбук.
Вели, причината за состојбата е негрижата во минатото.
-Каква беше состојбата пред интервенцијата? Повеќе од четири години пробиени цевки на двата функционални бунари. Потрошени повеќе од половина милион евра за електрична енерија, а ефектот минимален или никаков. Два функционални од десет направени бунари. Негрижа и срам. Во втората фаза ќе обезбедиме најмалку уште две бунарски пумпи за зголемен капацитет и побрзо полнење на Дојранското езеро. Владата во втората фаза ќе го задолжи ФОД при ЕСМ (поранешно ЕЛЕМ) да ги репарира постојните потисни пумпи. Конечно во последната трета фаза ќе инсталираме сончеви панели со батерии за акумулирање на електричната енергија и сопствено производство на електрична енергија. Нема трошење милиони евра од буџетот за електрична енергија. Продолжуваме да го исправаме тоа што е уништено, запоставено. Многу работа завршивме, уште повеќе не чека. Македонија се сака со дела, вели премиерот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа