Мицкоски за интерпелацијата в петок: Очекувам неосновани критики - таква ни е опозицијата

 

Премиерот Христијан Мицкоски очекува неуспешна интерпелација за вицепремиерот Изет Меџити, вицепремиерот Иван Стоилковиќ, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и неговиот заменик Астрит Исени.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека очекува неосновани критики кои имаат за цел да доведат до етничка поларизација.

-Очекувам од страна на опозицијата напади кои ќе поларизираат, очекувам да поттикнат чувства на меѓуетничка нетолеранција, но мислам дека тоа ќе биде јалово и неуспешно. И ќе заврши овој обид како неуспешен. Очекувам критики коишто се неосновани и критики коишто немаат никаква врска со реалноста, но добро… таква ни е опозицијата. Се надевам дека ќе извлечат поука. Многу скоро програмски ќе се реструктуираат, но и кадровски ќе се освежат, бидејќи навистина таму гледаме некредибилни луѓе коишто, имаме институционална меморија и знаеме што сѐ правеа во минатото, рече Мицкоски.

Почетокот на Седницата е закажан за в петок во 11 часот. 

Претседателот на Собранието Африм Гаши на 26 декември рече дека за секоја интерпелација ќе се разгледува посебно и дека може да се дискутира цел ден во зависност од тоа колку пријавени пратеници има за збор. Сепак, на крајот на денот мора да се гласа.

– За секоја интерпелација се дискутира цел ден, всушност колку пријавени има за збор. Седницата може да трае, но до крајот на денот мора да се гласа по одредената интерпелација. За секоја интерпелација се дискутира по еден ден и на крајот се гласа посебно за секоја, изјави Гаши.

08.01.2025 - 12:30

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега