Мицкоски во Струмица: Ветуваме држава по мерка на граѓанинот
Почнавме да градиме држава по мерка на граѓанинот, држава која ќе те слушне, држава која ќе те почитува и тоа што е најважно држава што ќе ти служи, истакна вечерва во Струмица премиерот и лидер на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски на трибина „Доаѓа времето на Македонија! Ги градиме темелите на промените“.
Додаде дека Струмица овие промени ги чекала повеќе од кого било и оваа есен Мицкоски е сигурен дека ќе бидат заокружени со огромна победа на локалните избори.
-Премногу долго овој град и околните места беа заробени од една фамилија, која се однесува како Струмица да е нивен личен имот, а не град на горди струмичани. Заборавија дека Струмица му припаѓа на граѓанинот, не на фирмите и круговите во кои тие се затворија. Ние, иако ја водиме државата само една година, не го заменивме народот со дебелиот црвен килим. Работевме, решававме проблеми додека тие од опозицијата се занимаваат со златни визи, симбол на златното богатење на грбот на народот. Можеби во Дубаи им е убаво, но коренот е тука, во Струмица, во Македонија, подвлече Мицкоски.
Продолжи дека Македонија и Струмица се македонските земјоделци и помалку за една година се исплатени повеќе од 9 милијарди денари субвенции, направена е распределба на земјоделско земјиште, има раст на извозот од 5 отсто во првиот квартал, склучени се вкупно 2.109 договори на околу 6 илјади хектари и беше распишан јавен повик за помош на млади земјоделци за започнување на земјоделска дејност и таму се доставени 254 апликации.
Според претседателот на владејачката партија, граѓаните мора да бидат прво место и затоа се предвидуваат повеќе мерки.
-Гаранција за услуга во рок од пет денови во сите општини и институции оа нема да биде желба, туку закон. Секој граѓанин ќе добие одговор навреме, точно и без чекање. Ќе воведеме нова услуга каде администрацијата, за првпат, ќе биде таа што ќе го бара граѓанинот, а не спротивно. Ставаме крај на молкот, одложувањата и бирократската ароганција. Ќе обезбедиме гарантиран максимум на чекање во институциите. Ќе постојат јасни граници и секое прекршување ќе се казнува. Почит за времето на граѓанинот ќе биде основна вредност на новата јавна администрација. Ќе воведеме јавна листа со времиња на чекање по сите здравствени установи. Транспарентноста ќе стане стандард, пациентите ќе знаат каде ќе добијат најбрза услуга. Воведување предмет за изучување на вештачка интелигенција во образованието. Нема повеќе да учиме само за минатото, ќе ги подготвиме генерациите за иднината, за новата економија, за дигиталната ера што веќе тропа на вратата. Ова е визијата која што ја градиме, подвлече премиерот и претседател на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа