Мицкоски: Спремни сме да разговараме за национална стратегија
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека се подготвени да ја разгледаат и разговараат за националната стратегија во секој момент, нагласувајќи дека без национален консензус нема поместувања ниту милиметар. Одговарајќи на новинарски прашања дали ќе ја разгледаат националната стратегија од ЗНАМ, на денешниот настан организиран од Министерството за односи меѓу заедниците по повод Денот на наставата на турски јазик, изјави дека и во минатото биле подготвени да разговараат, иако тогаш, нагласи- никој немал слух.
-Ние сме подготвени за национална стратегија во секој момент, да видиме што е тој предлог, ќе разговараме зошто да не. Спремни сме, ние и во минатото сме покажале и дека како опозиција сме подготвени, тоа што некој немал слух и којшто одлучил наивно да ги води процесите, наспроти интересите на граѓаните и наспроти интересите на државата, тоа е друг проблем. Верувајте дека нема милиметар да се поместиме ако немаме национален консензус, изјави премиерот.
Тој како што нагласи и во Брисел предложил да се види дали единствен проблем е промената на Уставот, но и какво ќе биде однесувањето на дел од пратениците од европскиот парламент доколку изгласаат резолуција и го признаат постоењето на многувековниот македонски идентитет и многувековните корени на македонскиот јазик.
- Ева јас предложив во Брисел, ајде да видиме дали е проблемот само промената на Уставот, еве вие пратениците во Европскиот парламент, поднесете резолуција со која европскиот парламент ќе изгласа дека постои многувековен македонски идентитет и дека мојот македонски мајчин јазик има многувековни корени, па да видите како ќе се однесуваат дел од вашите колеги, рече Мицкоски.
За таму, истакна премиерот, не е потребен лимит за да се види суштината на проблемот и дека работите не треба да се гледаат селективно, туку какви што сѐ, за да се донесат решенија.
- Мораме да ги гледаме како сѐ, и врз основ на тоа да даваме решенија, не политикантство. Еве нека поднесат тие резолуција, ние како парламент да донесеме заеднички сите пратенички партии, парламентарни партии на резолуција со којашто ќе побараме европскиот парламент да го потврди нашиот многувековен македонски идентитет и многувековните корени на нашиот македонски мајчин јазик, еве да видиме како ќе се однесуваат дел од пратениците, да излезат навистина проблемите на виделина, изјави премиерот.
Инаку, партиска делегација од Движењето ЗНАМ за Наша Македонија денеска го достави текстот на Националната платформа за македонско национално единство и дефинирање на македонските национални црвени линии до политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот на Движење ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, на 16 декември на прес – конференција го обзнани текстот на Националната платформа, чија цел, како што рече е да ги обедини сите политички фактори за да се изгради државен став со кој ќе се обезбеди и гарантира достоинствен пат на Република Македонија за остварување на стратешка цел – полноправното членство во Европската Унија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа