Мицкоски: Платите на наставниците ќе растат помеѓу 10% до 12,5% во следните години

 


Во секторот образование во основното и средното образование веќе постигнавме договор со Синдикатот. Сега веќе во ноември, на почетокот на ноември кога ќе ја добијат октомвриската плата вработените наставници и професори ќе биде повисока за 5 проценти и така ќе биде до март 2025, истакна премиерот Христијан Мицкоски.

„Во март 2025 ќе биде зголемена за 7 проценти, значи во април 2025 веќе платите ќе бидат зголемени за дополнителни 7 проценти. Во март 2026 помеѓу 7,5 и 10 проценти во зависност од тоа како ќе се движи економијата генерално и полнењето на буџетот. Во март 2027 исто така помеѓу 7,5 и 10 проценти, во 2028 помеѓу 10 и 12,5 проценти во зависност од економијата и полнењето на буџетот“, посочи премиерот.

Мицкоски очекува понеделник или вторник следната недела да седат на маса со Синдикатот за здравство и да видат и со нив да постигнат договор којшто ќе биде дел од колективниот договор.

Така што полека едно по едно, чекор по чекор ги решаваме работите коишто за жал со децении не биле решени, посочи Мицкоски.

„Во буџетот се предвидени околу 5 или 6 милијарди денари за зголемени плати, а мислам дека во здравството тоа во ФЗОМ е некаде околу 4,5-5 милијарди, но тука има и други трошоци поврзани со лекови коишто досега се шекулирале, враќање на долгови итн., така што и таму ќе има одредена корекција во платите. Одиме чекор по чекор“, истакна премиерот.

Мицкоски рече дека во високото образование добиваат 30 проценти оваа година согласно колективниот договор, така што генерално пензионерите, младите, здравство, образование, МВР и Одбрана секако добиваат според колективниот договор.

Едно по едно ги затвораме отворените теми коишто за жал со децении стоеле отворени, нагласи премиерот.

30.10.2024 - 13:07

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа