Мицкоски: Нема да дозволам поединци да ги злоупотребуваат своите позиции
„Состојбата која ја затекнавме беше алармантно катаклизмична и во таква состојба вие мора да најдете начин како сето тоа да го менаџирате и да се соочувате со сите тие предизвици.“
Мицкоски изјави дека има различни и поделени ставови во однос на замрзнување на цените и на маржите.
„Има различни и поделени ставови за замрзнување на цените, на маржите, замрзнување на дистрибутивните маржи итн, и прво кое што го направивме беше имплементирање на законот за нефер трговски практики. Но, кога направивме една анализа сфативме дека практично законот се однесува на период од една година. Така што вие ако сега започнал законот да се применува на 01.01.2025 година сега да почекате цела 2025 година да помине за да видете дали просекот на маржа на рабатот е 10 проценти. Тоа што значи? Тоа значи дека во јануари може да биде 20, во јуни да биде 3 и сето тоа пондерирано на крајот на годината треба да биде 10 проценти. И за жал така е во законот и тука ние не можеме ништо повеќе ниту да додадеме ниту да одземеме.
И тука ние разговаравме со дистрибутерите производителите, стопанската комора и од Министерството за економија и труд навистина дадоа големо значење и посветија големо внимание да изнајдат заеднички јазик да не применуваме ваков тип на офанзивни рестриктивни политики туку сето тоа да биде врз основа на заеднички консензуален пристап итн.
„Но, морам да бидам објективен врз основа на сведоштвото на граѓаните, наши лични сведоштва дел од производителите, дистрибутерите и маркетите, заклучивме дека се служат со тикови. И тие трикови придонесоа одредени производи да се зголемат како резултат на овие кои што се намалија. А се зголемија оние производи кои се најшироко употребувани од граѓаните.“
Мицкоски рече дека потребно е да се видат и цените во аптеките и во продавниците за бела техника, потенцирајќи дека мора широко да се гледа цела работа бидејќи и ова влегува во потрошувачката кошничка.
„Низ целата анализа која ја спроведовме кога ја анализиравме минималната потрошувачка кошничка дојдовме до заклучок дека можеби ќе треба да се прошири, некако како да ги забораваме аптеките. Со право пензионерите не се задоволни, праксата покажува дека во тие години на животот почесто имаат контакт со аптеки, за разлика од помладите. И ако направите анализа за лековите кои не се дел од позитивната листа, а кои ги употребуваат ќе забележите дека таму има од 2 до 3 пати поголеми цени од тие кои што се производни.
Премиерот Мицкоски истакна дека нема да дозволи дивеење на поединци да ги користат и да ги злоупотребуваат своите позиции на грбот и стандардот на граѓаните.
„Ние мораме да видиме над ситуација, сериозно да пристапуваме и во анализата, но и во акцијата. Така што да ова е само прво полувреме, ќе има и второ и трето полувреме. И ќе има поголем опфат. Мораме да ги намалиме овие дивеења кои што се на грбот на граѓаните. Повторно ќе кажам јас разбирам пазарна економија, но поединци не можат својата позиција да ја злоупотребуваат на грбот на граѓаните и на товар на стандардот на граѓаните.“, нагласи премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски најави дека во периодот кој што следи Владата планира намалување на парафискалните давачки, односно како што рече нешто што позитивно ќе влијае на намалување на цените.
„Ние како влада планираме голем дел од таканаречените парафискални давачки да намалиме, нешто што така треба позитивно да влијае на намалување на цените. Јас ќе ве потсетам не така одамна инфлацијата беше 19, 20, 21 процент, годината ја завршивме со просечни 3,5 проценти, дали е голема или мала тоа е друга тема. Но, нашата цел е да ја намалиме да биде под 3 проценти, односно 2, 2,5 проценти, но за тоа треба партнери.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа