Мицкоски: Македонија стои рамо до рамо со братскиот црногорски народ

 
Со огромна тага и загриженост ја примив веста за трагичниот и шокантен настан што се случи во Цетиње, Црна Гора, пришто многу животи беа прерано згаснати, а неколкумина други беа повредени во вооружениот напад кој го потресе целиот регион, напиша премиерот Мицкоски на социјалната мрежа ФБ.
„Во овие тешки мигови, од името на Владата, како и од мое лично име, изразувам најискрено сочувство до семејствата на жртвите кои го загубија најмилото. Нивната болка е неизмерна, а загубата непоправлива. Нашите мисли и молитви се со нив, како и со сите кои беа погодени од овој трагичен чин.
Длабоко сочувствуваме и со граѓаните на Црна Гора кои во овој момент се соочуваат со голема тага и вознемиреност. Оваа трагедија е потсетник за важноста на заедништвото и солидарноста помеѓу народите во регионот, особено во моменти кога се соочуваме со вакви трагедии што оставаат длабоки лузни во општеството.
Упатуваме поддршка до сите надлежни институции во Црна Гора кои со голема посветеност работат на расветлување на овој немил настан и на враќање на мирот и безбедноста во заедницата.
Македонија стои рамо до рамо со братскиот црногорски народ во овие болни мигови и останува подготвена да понуди каква било поддршка што би била потребна.
Нека почиваат во мир сите невини жртви, а на повредените им посакуваме брзо закрепнување“, стои во објавата на премиерот.

02.01.2025 - 18:32

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега