Мицкоски го прифаќа Азир Алиу за министер за здравство: Добро ќе соработуваме
Премиерот Христијан Мицкоски нема забелешки за предлогот поранешниот министер за информатичко општество и администрација Азир Алиу да биде министер за здравство на местото на досегашниот лидер на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари кој си поднесе оставка и од владината и од партиската коалиција.
„Да, јас го добив и официјално тој предлог. Деновиве ќе го доставам до пратениците во Собранието. Со господинот Алиу се познаваме така што мислам дека добро ќе соработуваме во рамките на Владата“, рече премиерот Мицкоски денес одговарајќи на новинарски прашања во Владата.
Министерот за животна срдина и еден од лидерите во „Вреди“, Изет Меџити, во понеделникот кажа дека ќе го предложат Алиу за министер за здравство откога тој од Алијанса за Албанците премина во „Вреди“. Иако веднаш откога го соопшти предлогот информатичар да биде министер за здравство стигнаа многу забелешки за изборот, Меџити кажа дека министерот треба да биде добар менаџер, а Алиу е најдобар предлог.
По оставката на Таравари, неофицијално, како можна министерка за здравство се спомнуваше сегашната министерка за образование Весна Јаневска, а потоа и сегашниот директор на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски која кажа дека ако му предложат ќе ја прифати функцијата со соодветна замена за него во Фондот. Лицитирањето со можни министри во Здравство од ВМРО-ДПМНЕ го прекина премиерот Мицкоски кога кажа дека нема да има размена на ресори во владината коалиција и ресорот Здравство ќе остане во „Вреди“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа