Мемов: Случајот во градинката „13 Ноември“ во Дебар маало не е изолиран инцидент, тоа е аларм

 


Фрапирани сме од случувањата во детската градинка „13 Ноември“ во Центар, изјави на денешната прес-конференција портпаролот на Движењето ЗНАМ, Никола Мемов и рече дека тоа што таму се случува е нешто што ниту еден родител не сака да си го замисли, а уште помалку да го доживее за своето најмило.

-Станува збор за нешто што е повеќе од скандал, нешто што е вистинска закана, директна опасност по животот и здравјето на децата. Замислете, деца во градинката „13 Ноември“ во Центар пронашле употребен наркомански шприц во дворот каде што секојдневно играат. Наместо топка, наместо играчки, тие го држеле шприцот во рацете, си го разменувале, ја кршеле иглата и најстрашно, се гребеле и се боцкале едни со други, рече Мемов.

Тој нагласи дека е тоа шок за едно семејство, бидејќи наместо сигурност и грижа за своето дете во градинката, како што рече, добиваат страв, неизвесност и траума.

-И наместо раководството на градинката и општината Центар, под чија надлежност се градинките, веднаш да реагираат, наместо да излезат со објаснување и со план за заштита, родителите добиваат закани да молчат и да не зборуваат за случајот. Дали молкот е поважен од животот и здравјето на децата, нагласи Мемов.

Тој упати неколку прашања до градоначалникот на општина Центар.

-Дали децата во градинките се препуштени сами на себе? Дали дворот на градинката „13 Ноември“ е безбедно место за игра или ризична зона каде децата можат да најдат употребени игли и шприцеви? Дали е точно дека на родителите им било кажано да молчат и да не зборуваат јавно за случајот? Дали безбедноста и здравјето на децата ви се приоритет или сè додека не се случи несреќа ќе останеме неми сведоци на вашето неисполнување ќе на обврските?, додаде тој.

Портпаролот на ЗНАМ нагласи дека градинката треба да биде втор дом на децата, а не место на страв и опасност.

-Родителите ја доверуваат најголемата светост, своите деца, и имаат право да бидат сигурни дека тие се безбедни. Случајот во градинката „13 Ноември“ во Дебар маало не е изолиран инцидент, тоа е аларм. Аларм дека системот во Центар не функционира. Аларм дека се игра со здравјето на децата. Аларм дека институциите молчат кога треба да обезбедат заштита, хигиена и безбедност. Ние, од Движењето ЗНАМ за Наша Македонија, ќе прашуваме, ќе бараме одговори и ќе инсистираме на одговорност за случајот. И нема да застанеме тука - ќе бараме и ќе се залагаме за подобрување на условите во сите детски градинки, ќе бараме зајакнување на безбедносните мерки и редовни контроли, за вакви скандали никогаш повеќе да не се повторат. Затоа што за децата нема компромис, рече Мемов.

На новинарско прашање има ли политичка позадина за низата пожари, од кои за некои имало видео - снимка дека се подметнати, други биле под сомневање дека се такви, Мемов одговори дека ЗНАМ ги осудува сите такви постапки. 

Тој до надлежните апелираше да се пронајдат сторителите и да се преземат соодветни мерки за нивно санкционирање.

17.09.2025 - 12:54

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега