Маск ги повика Германците да заборават на „вината од минатото“ - полски министер повика на бојкот на Тесла
Време е Германија „да ја надмине“ својата „вина од минатото“, рече Илон Маск на митингот на екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (AfD) во саботата, само два дена пред 80-годишнината од ослободувањето на Аушвиц. Оттогаш реакциите продолжуваат.
„Бидете горди на Германија и што сте Германци. Ова е многу важно. Знаете, во ред е да се гордееш што си Германец. И во ред е да се гордееш со германската култура, германските вредности и да не се изгубиш во некој вид мултикултурализам кој разводнува сѐ. Знаете, сакаме да доживеете различна култура кога одите во различни земји. Тоа е уникатно, и посебно и добро. И дека германската влада презема активности за да ги заштити своите граѓани и да го обезбеди здравјето и благосостојбата на германскиот народ“, рече Илон Маск на митингот Алтернатива за Германија (AfD).
Маск ја пофали „историјата на германскиот народ која опфаќа илјадници години“ и рече дека читајќи го Јулиј Цезар за Германците, сфатил дека тие се „моќни воини“.
„Мислам дека, искрено, има премногу фокус на вината од минатото и мораме да продолжиме понатаму. Знаете, децата не треба да се обвинуваат за гревовите на нивните родители, а камоли нивните баби и дедовци, можеби дури и нивните прабаби и прадедовци. И треба да бидеме оптимисти и возбудени за иднината на Германија. И тоа е навистина мојата порака: бидете оптимисти, бидете возбудени и зачувајте ја германската култура и заштитете го германскиот народ“, рече Маск, повикувајќи на повеќе „самоопределување“ од европските земји и помалку потпирање на Брисел.
Според Политико, истакнати личности од екстремната десница во Германија долго време ја осудуваат инаку пофалената „erinnerungskultur“ или „култура на сеќавање“ како создавање на општество вкоренето во вината за злосторствата извршени од нацистите, тврдејќи дека тоа го уништува германскиот дух.
Екстремната десница често зборува за „култ на вина“ во земјата.
Со децении, различни личности се бореа против културата на меморијата – но обично на маргините на политиката. Она што е ново е дека пораката сега доаѓа од врвот на американската моќ, при што Маск, бунтовен милијардер и доверлив човек на Доналд Трамп, нуди поддршка за некои од најекстремните гласови во германската политика.
Еврејските групи во Германија и пошироко изразија бес поради изјавите на Маск.
„Сеќавањето и признавањето на мрачното минато на земјата и нејзиниот народ треба да биде централно во обликувањето на германското општество. Неуспехот да се стори тоа е навреда за жртвите на нацизмот и јасна опасност за демократската иднина на Германија“, напиша на Икс, Дани Дајан, претседател на Јад Вашем, израелскиот центар за сеќавање на холокаустот.
Полскиот министер: Престанете да купувате „Тесла“
Негодување од поддршката на Илон Маск за АфД изрази и полскиот министер за туризам, Славомир Нитрас, кој повика на бојкот на производите на компанијата „Тесла“.
„Нема оправдување за кој било здрав Полјак да продолжи да купува Teslas. Неопходен е сериозен и силен одговор, вклучително и бојкот на потрошувачите“, изјави Нитрас за полските медиуми.
Зборовите на Маск, пишува Политико, особено одекнаа во Полска – која беше првата земја нападната од силите на Адолф Хитлер на почетокот на Втората светска војна.
Полска загуби околу шест милиони луѓе во војната – од кои половината беа Евреи. Многумина загинаа во нацистичките логори како Аушвиц. Милиони други беа заробени и одведени на принудна работа.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа