Лукаревска: Ребалансот на Буџетот е доказ за неуспех на ВМРО-ДПМНЕ – кратат од граѓаните за луксуз на функционерите

 


Предложениот ребаланс на Буџетот наместо да понуди подобрување на состојбите во економијата е всушност доказ за целосниот неуспех на економската политика на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, истакна на прес-конференција Сања Лукаревска, пратеничка на СДСМ.

Овој ребаланс, вели таа, ја разоткрива вистината, дека економијата тоне, граѓаните се оставени сами на себе, а власта продолжува да се луксузира додека ги задолжува идните генерации.

„Со овој ребаланс нема пари за соодветно и заслужено покачување на платите на работниците, за поголеми плати во образованието, здравството. Нема пари за повредените и семејствата на настраданите во Кочани. Нема пари за нови мерки за заштита на стандардот на граѓаните, за намалување на цените. Граѓаните се оставени сами на себе“.

Вака, оценува пратеничката, сиромаштијата ќе расте, граѓаните ќе имаат се помалку пари, а животот ќе биде потежок.

„Власта крати пари од граѓаните за да има повеќе пари за луксузирање на функционерите.
Со овој ребаланс власта ги намалува субвенциите и социјалните трансфери за 30 милиони евра. Тоа е директен удар врз земјоделците, врз работниците, семејствата со ниски приходи, социјално загрозените. Истовремено, се зголемуваат трошоците за стоки и услуги за владата– значи за повеќе папаја, манго, приватни авиони и скапи авантури на функционерите. Ова е срамно понижување, Владата избра да го штити својот луксуз, а не стандардот на народот“.

Јавните претпријатија, додава Лукаревска, се нова жртва на алчноста на власта.

Со ребалансот, појаснуват таа, Владата сака да земе 70 милиони евра од неданочни приходи.

„Тоа значи, ќе им ги земат профитите на јавните претпријатија кои успешно работат. Наместо развој, инвестиции и подобри услуги, јавните претпријатија власта ги гуши, ги кочи, со што директно удира и по вработените и по економијата.

За Фондот за ПИОМ власта одвојува дополнителни 35 милиони евра. Ова значи дека придонесите не се наплаќаат доволно, дека дупката во Фондот за пензиско се зголемува. Ако вака се продолжи идните пензии се доведуваат во прашање.

Се зборува за ’’раздвижување,,, но реалноста е сурова, до мај се реализирани само 22% од планираните капитални расходи, а тоа е за 14% помалку од истото време минтата година која ја нарекуваа катастрофа. Со овој тренд неможе да се исполни ни половина од тоа што се проектира. Празни ветувања, без реална имплементација.

Ова значи или ќе имаме нов трет ребаланс, или нов дефицит, кој повторно ќе го плаќаат граѓаните“.

Оценува дека нерелни бројки има и кај капиталните инвестици и кај растот.

„Владата проектира мал раст од 3,7% додека се фали со раст од 3%. Но за економија во оваа состојба, тоа е ползење, не развој.

Од ресорното Министерство за финансии зборуваат за наводно намалување на јавниот долг за 50 милиони евра. Но ја кријат вистината – во 2024 година јавниот долг порасна за 1 милијарда и 100 милиони евра.
Во ребалансот ги нема 7 милијади евра од Британија. Тоа значи дека нема договор за изворите на парите, не се знае каматата, не се знае ништо. Како тогаш се лицитира со проекти ако нема извори на финансирање и камати? Колкава камата ќе обезбеди Владата, дали ќе успее да најде пари со камата од 3 посто или 5 е голема разлика“, прашува Лукаревска.

Кажа дека овој ребаланс е фискално нереален, социјално штетен и без развојна компонента. Затоа, како што најави СДСМ поднесува 160 амандмани со кои бараат поддршка да се исправат неправдите кои ги планира власта.

„Овие амандмани ги поднесовме, затоа што не смееме да дозволиме со државни пари да се зголемува луксузот на функционерите, додека настраданите и обесправените се заборавени. Ги повикуваме сите пратеници во Собранието, без разлика на политичка припадност, да учествуваат во расправата, да ги разгледаат амандманите на СДСМ и да ги поддржат.

Ова не е момент за партиска калкулација, туку за солидарност, одговорност и праведност“, вели Лукаревска.

02.07.2025 - 12:43

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега