Левица: Мицкоски да не глуми медијатор - Цените растат а платата е иста

 

Цените на основните производи, електричната енергија, греењето и комуналиите растат. Инфлацијата во последните две години достигна неверојатни 25%. Минималната плата за жал останува иста! Осумте месеци владеење на ДПМНЕ и ЗНАМ не доведоа до поголема економска стабилност. Статистиката потврдува дека нови 13.000 граѓани живеат под прагот на сиромаштијата само поради инфлацијата на храната, што изминативе две години достигна 32,6%. Ова го велат од ЛЕВИЦА преку соопштение кое ви го пренесуваме во целост.

Бојкотот на маркетите го покажа народниот револт од бескорисните владини мерки. Зголемувањето на профитот којшто го оствариле големите ланци на маркети само во период од околу една година е 40%. Ова дополнително го потврдува зголемувањето на минималната потрошувачка кошничка, која е недостижна за сѐ повеќе семејства.

Најавата за формирање независно тело за утврдување на потрошувачка кошничка само ја укажува намерата на Владата да манипулира со трошоците за живот на граѓаните заштитувајќи ги интересите на крупниот капитал.

Зголемувањето на сиромаштијата не смее да се толерира. Трулиот капиталистички систем само го зголемува јазот помеѓу богатите и сиромашните. Додека едните остваруваат неверојатни профити, другите немаат можност ниту да обезбедат основни услови за живот. Економските показатели потврдуваат дека во државата има доволно пари, а главен проблем е нивната прераспределба.

Државата има должност да ги заштити ранливите и обезбеди достоинствен живот за работниците. Недозволиво е вработените за својата работа и труд да не добиваат месечен надоместок доволен за основните потреби. Затоа, Левица го повикува Мицкоски заедно со Владата да не глумат медијатори во процесот на преговори помеѓу работниците и работодавачите и итно и неодложно преземат чекори за зголемување на минималната плата, согласно барањата на работниците и синдикатите.

04.02.2025 - 11:12

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега