Лефков порача: Не прифаќам политичка расправија на сметка на туѓа болка

 


„По синоќешната ТВ-дебата, СДСМ наместо да покаже емпатија кон трагично загубените млади животи, продолжува со правни калкулации и политичка одбрана на неодговорноста. Соопштението на пратеничката Тренчевска од СДСМ денеска не е ништо друго освен обид да се покрие долгогодишниот институционален неуспех и длабоко вкоренета корупција во системот кој доведе до трагедијата во дискотеката „Пулс“, вели Миле Лефков пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

„Моите ставови се јасни и се дел од борбата против политичкиот систем што го наследивме, коруптивен и расипан модел кој произведува кризи и жртви. Тој “расипан” систем го водеше и сè уште го брани СДСМ.

СДСМ сака преку закон да се извлече од вина, да глуми сочувство со параграфи, да “нормализира” корупција а во исто време ќути за својата одговорност“.

Вели дека надомест на штета постои во нашиот правен систем, преку судска постапка, преку утврдување на вина и обврска. Секој граѓанин, според него, има право да бара отштета, а државата има обврска да одговара кога нејзините институции затаиле. Но тоа, како што појаснува, не се решава со политика во Собрание, туку преку судови и институции.

„Правдата не се носи со популистички закони туку со ефикасни и независни институции. Жртвите заслужуваат вистинска правда – не политизација.

Ако навистина сакаме правда – тогаш да бараме одговорност од сите што затаиле во системот, а не да нудиме „отштета“ со закон од собраниска говорница. Тоа е непочитување кон жртвите и нивните блиски.

Нема правда без одговорност и токму тоа им пречи“.

Повтори дека ова не е прашање на партиски поени. Ова, како што нагласи е прашање на основна човечност и морална обврска кон жртвите и нивните семејства.

„И за крај – не прифаќам политичка расправија на сметка на туѓа болка“, додава Лефков.

20.05.2025 - 15:07

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега