Лани во Македонија во кафеани и хотели се трошеле по 1 милион евра дневно
Заклучно со септември минатата година во хотелско-угостителскиот сектор се слеале 270,2 милиони евра. Нашите сограѓани, како и туристите што ја посетиле Македонија толку пари потрошиле на храна, пијалаци и ноќевања, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика, објавени на последниот ден од претходната година. Математиката покажува дека тоа значи дека дневно за овие намени се трошеле по 1 милион евра
Угостителите и хотелиерите може задоволно да ги тријат рацете за сработеното во овој период, затоа што имаат остварено поголем приход отколку претходната година во истиот период од 9 месеци. Приходот во 2023 година заклучно со септември бил 246,5 милиони евра, или за 23,7 милиони евра помалку од оној во 2024 година за истиот период. Сепак, мора да се земе предвид дека дел од растот на приходот се должи на инфлацијата којашто во угостителскиот сектор во деветте месеци од 2024 година во однос на деветте месеци од 2023 година изнесувала 5,5 отсто. Но, дури и да се додаде тој процент на прометот за периодот од јануари до септември 2023 година ќе се добијат 260 милиони евра, што пак е помалку од ланскиот приход од 270,2 милиони евра, покажува пресметката на порталот Пари.
Во структурата на прометот, најмногу пари се трошат за храна и за напивки (кафе, чај…), па за пијалаци, а дури потоа се ноќевањата.
Минатата година, за девет месеци за храна и за напивки се потрошени 146,1 милиони евра, а годината пред тоа, во истиот период, биле потрошени 131,3 милиони евра. Математиките се исти, растот на приходите делумно се должи на инфлацијата, а делумно на тоа што повеќе се одело по кафеани и кафулиња.
На разни пијалаци во угостителските објекти македонските граѓани и туристите лани за 9 месеци потрошиле 56,8 милиони евра, а преклани 52,9 милиони.
Ноќевањата на туристите, домашни и странски, ги чинеле 51,2 милиони евра лани и 44,3 милиони евра преклани.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа