Кузеска: „Немаме магично стапче“ е врв на неспособност, власта нема план да им помогне на граѓаните

 


Додека власта сака да им каже на луѓето дека не знаат како живеат, дека цените не растат, дека не е се поскапено и дека тече мед и млеко, сите податоци покажуваат дека граѓаните живеат сè потешко и посиромашно, истакна денеска Богданка Кузеска портпаролка на СДСМ.

„Синдикалната минимална кошница е поскапа за речиси 5.000 денари, само за една година. Во исто време, минималната плата порасна за само 1.800 денари.
-Зеленчукот поскапел за 63,3%, а овошјето за 33% само за една година.
-Инфлацијата е 4,8% и ги јаде примањата на граѓаните.
-Реалната плата во јуни порасна за само 3,8%, додека со мерките на СДСМ растот беше над 11%. За прв пат по долго време имаше и пад на просечната плата споредено со претходниот месец. Со други зборови: цените растат, платите мируваат, а куповната моќ на граѓаните паѓа“.

За само една година власт на ВМРО-ДПМНЕ, според Кузеска, Македонија е доведена во најголема економска несигурност досега.

„Министерката за финансии Кочовска вели дека владата „немала магично стапче“ за инфлацијата.

Тоа е само изговор. Владата не е таму да се правда додека се луксузира на грбот на народот, туку да преземе мерки.

Сите земји во регионот, Србија, Бугарија, Хрватска, имаа навремени мерки и интервенции за цените и инфлацијата. Само во Македонија граѓаните се оставени сами на себе. „Немаме магично стапче“ е врв на неспособност и значи дека оваа власт нема ниту план, ни волја да им помогне на граѓаните.

Не треба „магично стапче“ треба владата и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да ги прифатат предлозите на СДСМ за покачување на минималната плата на 500 евра, на укинување на ДДВ за храна и покачување на платите во сите сектори“.

Додава дека платите во Македонија се само 35 % од европските просеци а цените, пак, достигнуваат 60% од европскиот просек.

Тоа, како што оцени Кузеска, значи дека граѓаните плаќаат речиси европски цени, а живеат со трипати пониски плати.

Проблемот, како што вели, не е кај работниците ниту во магичните стапчиња, туку во оваа влада што според Кузеска, свесно држи ниски плати за да им одговара на бизнис-елитите блиски до ВМРО-ДПМНЕ.

„Почетокот на есента е еден од економски најтешките периоди за македонските семејства и СДСМ ќе ја продолжи борбата за повисоки плати. Законските решенија повторно ќе ги поднесеме. Тоа е борба за достоинствен живот“.

28.08.2025 - 14:13

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега