Ковачевски не е приведен, моментално е надвор од државата, премиерот очекува брзо да го вратат

 


Васко Ковачевски не е во државата подолго време, но очекувам и да го обезбедиме и да го вратиме во државата, рече премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања за уапсените во денешната акција поради сомневање за 6,5 милионски криминал во „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), РЕК „Битола“, ТЕЦ „Осломеј“ и ТЕЦ „Неготино“ со злоупотреби на јавните набавки. Премиерот Мицкоски уверува дека поранешниот директор на ЕСМ, Ковачевски, исто како и поранешниот владин функционер, Артан Груби, и апелацискиот судија Енвер Беџети, кои се најдоа на црната листа на САД, ќе бидат обезбедени и ќе дадат одговор за обвинувањата што им се ставаат на товар.

„И поранешниот висок владин функционер и апелацискиот судија, кои имаат направено сериозно кривично дело според оние тврдења таму и според основаните сомневања за кои се наоѓаат на листата на санкции од САД, но и за овие 23 што денеска се обезбедени минус можеби еден за кој сега вие посочивте, но очекувам бргу денеска и тој да биде обезбеден пред правдата, и сите тие да дадат одговор за овие основани сомневања за кои се обвинуваат. Иако можам да кажам дека голем дел од доказите за кои се сомневавме веќе е обезбеден. Имаме обезбедено докази за сите“, рече премиерот Мицскоски.

Министерот за внатрешни работи и директорот на Бирото за јавна безбедност го известиле премиерот дека во случајот на ЕСМ и РЕК „Битола“ се работи за организирана група на високи претставници на компанијата, кои се здружиле, и постои сомневање дека направиле криминал тежок повеќе од 6,5 милиони евра.

„Многу докази се најдени, но тоа ќе му го оставам на Обвинителството, понатаму на судовите, нели мора да веруваме на пресумпцијата на невиност, но она што е најдено е навистина загрижувачки“, рече премиерот Мицкоски.

Изминатиот период во кој јавноста ѝ забележуваше на новата Влада дека не презема мерки за криминалот за кој постојано зборуваше како опозиција, премиерот Мицкоски објасни дека барале време и трпение за да обезбедат докази. Сега веќе ги имаат и најави дека многу бргу ќе ѝ бидат презентирани и на јавноста, но повтори дека нема да прават естрада или циркус од случаите на корупција.

Од утрово во тек е полициска акција насочена кон поранешни директори на државната компанија „Електрани на Северна Македонија“ и на енергетските капацитети што се под нејзина капа, меѓу кои и поранешниот генерален директор на ЕСМ, Васко Ковачевски. Истрагата ја водат двајца обвинители од Обвинителството за борба против организирниот криминал.

10.12.2024 - 14:11

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега