Костадиновски: Собранието да ги скрати роковите за управните судови при поништување избор на функционери

 


Претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски на 12 јуни 2025 година гостуваше во централниот Дневник на ТВ Сител, каде што одговори на прашањата поврзани со актуелните предизвици во Судот, преземените активности по донесување на пресудата на Управниот суд со која е поништен изборот на уставна судијка, последиците од евентуалното воведување на т.н Бадинтер во гласањето на Судот, најавената интерпелација во Собранието, како и потребата од донесување на Закон за Уставен суд. 

Претседателот коментирајќи ја можноста на Управниот суд да поништи одлука за избор изјави дека според него е оправдано да постои судски механизам за поништување на поединечните акти донесени во Собранието, но како спорен го гледа тајмингот на донесување на одлуката и во таа насока упати повик до Законодавниот дом да ги скрати роковите.

„Дилемата за постапката на Управниот суд се јавува околу тајмингот. Одлуката е донесена после две години и тоа создава сомнежи. Многу луѓе може да ја толкуваат на разни начини, дали е влијание, дали е поради Законот за јазиците, секој ќе најде по некое објаснување. Но, еве овој преседан што се случи нека биде повик до Собранието да интервенира во Законот и да одреди многу пократки рокови за постапување. Лично сметам дека мора да постои судска контрола на актите кои ги носи и Собранието и Владата, бидејќи тие не може да останат да не може да се побијат, тогаш влегуваме во друг вид на уредување на државата, но тајмингот е спорен. Кратки рокови, таква пракса има, Управниот суд ја има таа пракса со изборите на пример, седум дена, петнаесет дена, еве месец дена за да не настануваат штетни последици.” 

Костадиновски ги објасни постапките кои се преземени во Уставниот суд по добивање на пресудата на Управниот суд. 

„Дента кога јас ја примив пресудата свикав работен состанок. На тој работен состанок изградивме став и тој став е официјален. Кажавме дека нема да ја коментираме пресудата, кажавме дека е преседан и ги кажавме двете први последици од таа одлука. Правниот основ за засновање работен однос претставува еден формулар М1 и Одлука за избор. Во моментот кога таа одлука е поништена, тогаш се губи правниот основ за постоење на работен основ. Тоа е еден аспект, а вториот аспект е дека јас имам пресуда против која се нема право на жалба. Мене ми е навистина жал, бидејќи и судијката Елизабета Дуковска нема никаква вина, но јас имам пресуда. Непочитувањето на судска пресуда е кривично дело, јас бев должен да ја почитувам пресудата на Управниот суд”.

Прашан дали има реални можности да се воведе принцип на гласање по т.н. Бадентерово мнозинство Уставниот суд, Костадиновски е дециден дека тоа ќе предизвика штета на владеењето на правото и на слободите и правата на граѓаните. 

„Дел од квалификациите кои ги добвиавме во изминатиот период од одредени политички структури беа дека било моноетничко гласањето, политичко итн. И во тој контекст слушнав дека е потребно да се воведе и Бадентерово гласање. Најодговорно пред целата македонска јавност кажувам, доколку се случи такво нешто да се воведе Бадентер во Уставниот суд, граѓаните може да заборават на правната држава и на владеењето на правото. Тогаш се губи смислата на постоењето на таков орган каков што е Уставниот суд, што е контролор на сите три власти. Бадентерот е механизам корисен и нужен за политички органи како што е Собранието. Доколку се воведе Бадентер во Уставниот суд, тогаш и контролорот ќе биде блокиран во работата. Се губи смислата на постоењето на Уставниот суд. Подобро е да го укинат Уставниот суд отколку да воведат таков механизам што ќе преставува блокада. Тогаш не се исполнува суштината на нашата работа, тогаш други критериуми ќе бидат важни за одлучувањето. Етничките. И колегите ги предупредувам и на јавноста и кажувам, ние уставните судии кога ќе ги облечеме тогите ние треба да заборавиме што сме по националност, која религија сме, социјална, политичка итн. Ние имаме една задача - да го чуваме Уставот!”

На најавената интерпелација од страна на некои пратеници во Собранието, претседателот Костадиновски кажа дека гледа како на комплимент. 

„Повеќе пати имам кажано не сакам да ги коментирам политичките изјави. Овој потег на политиката го разбирам како комплимент за Уставниот суд. Штом се нервозни од Уставниот суд, тоа е најдобар показател дека сме на правиот пат. Кога Уставниот суд изградил став, тој е највисокиот авторитет што го толкува Уставот. Тој механизам за политичка контрола е апсолутно неподобен за уставните судии. Тогаш не треба да има дилема. Уставниот суд е органот што го контролира Собранието, неговите закони и замислете ако се доведе во прашање можноста да се прават интерпелации кои може да се толкува на различни начини, влијание, притисок, тогаш не можеме да зборуваме за состојба на уставност. Уставниот суд го има апсолвирано ова прашање. Ниту планирам да се појавам во Собранието, мојот став е јасен. Единствено што можам да направам е да апелирам до сите политички чинители, не декларативно туку вистински да се посветат на владењето на правото. Правилно да ги разбираат пораките што ги добиваме од нашите стратешки партнери кои континуирано повторуваат дека е неприфатливо влијанието во судската власт и уште помалку во уставно-судската власт”. 

13.06.2025 - 11:48

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега