Костадиновски: Секој да ја исполни обврската кон илинденците и да не згасне борбата за правна држава
Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски упати честитка по повод 2 Август - Денота на Републиката, Илинден.
-Денес, 122 години од Илинденското востание и 81 година од Првото заседание на АСНОМ, со воодушевеност си припомнуваме за епохалните победи и незаборавените жртви на нашите илинденци, на создателите на нашата Република, пишува во честитката од претседателот на Уставниот суд Костадиновски
Илинден, се додава, е вечна инспирација за современа и праведна држава, симбол на визионерство и непокор, но и потсетник за должноста којашто ја имаме кон нашите предци и иднината којашто им ја должиме на нашите деца.
-Чекориме во слободна држава, во земја која ги слави и возвишува идеалите на патриотизмот преку слободно и достоинствено живеење. Чин на највисок патриотизам денес претставува вистинската посветеност на владеењето на правото и градењето на правната држава. Тоа е нашето современо илинденско наследство. Да продолжиме со истиот жар и стремеж за правда, секој од нас да ја исполни обврската кон илинденците и никогаш да не згасне борбата за просперитетна, прогресивна, но пред сè правна држава! Нека ни е честит Денот на Републиката! Честит Илинден!, стои во честитката од претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа