Кина сака да ги продлабочи економските врски со ЕУ

 

Кина сака да ги продлабочи економските и трговските односи со Европската Унија, изјави денеска кинескиот вицепремиер Хе Лифенг, пренесува агенцијата Синхуа.

Хе го изрази ставот на Кина за време на средбата со европскиот комесар за трговија, Марош Шефчович, во Пекинг.

Бидејќи оваа година се одбележуваат 50 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Кина и ЕУ, Лифенг истакна дека Пекинг е подготвен за заеднички напори со Брисел во заштита на мултилатералниот трговски систем и справување со заканите од нови трговски бариери.

Шефчович нагласи дека Кина е клучен партнер на ЕУ и ја изрази подготвеноста на Унијата да ја искористи годишнината како можност за продлабочување на економската соработка.

– Имаме заеднички интерес да ги решаваме билатералните и глобалните предизвици, како и разликите меѓу нас – напиша Шефчович на социјалната мрежа Икс.

Европската Унија, сепак, има одредена загриженост во однос на економските односи со Кина, особено поради недостигот на реципрочен пристап до јавни набавки, трговските бариери и проблемите со трансферот на податоци.

Кина, од своја страна, истакна дека сака да го засили дијалогот со ЕУ за решавање на економските и трговските разлики.

27.03.2025 - 20:59

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега