Јаневска: Тројно ја зголемуваме финансиската поддршка за училишни активности посветени на меѓуетничка интеграција и толеранција

 


Во буџетот за 2025 година значително ја зголемуваме финансиската поддршка за училиштата за реализација на активности насочени кон развој и унапредување на мултикултурализмот, меѓуетничката интеграција и толеранција. Ако досега грантовите беа во висина од 30 илјади денари, со следниот конкурс ќе изнесуваат по речиси 90 илјади денари, односно ќе исплаќаме по две просечни нето плати. Тоа го уредивме со измени на Законот за основното образование, а ќе биде регулирано и во новиот Закон за средно образование кој наскоро ќе се најде во Собранието.

Ова го истакна министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на денешната прес конференција на која информираше за резултатите од Конкурсот за доделување на грантови за училишни активности насочени кон поддршка на меѓуетничката интеграција, толеранција и мултикултурализмот, што ќе се реализираат во учебната 2024 – 2025 година.

„Министерството објави повик за пријавување на предлог активности во октомври минатата година, а комисија формирана за рангирање и избор, одлучи да бидат доделени вкупно 79 грантови во поединечна вредност од 30 илјади денари, со кои 130 основни и средни училишта ќе ги поврзуваат учениците од различни етнички, културни и религиозни заедници, ќе ги насочуваат кон меѓусебна почит и разбирање и ќе градат хармонична училишна средина“, рече Јаневска.

Додаде дека оваа поддршка е всушност законска обврска и дел од образовните политики и стратегии на министерството насочени кон обезбедување рамноправен пристап до квалитетно образование за сите ученици.

„Важно е секој да биде прифатен и ценет во училишната заедница, а со тоа и да се чувствува безбедно. Младите треба да знаат дека разликите по било кој основ, не се бариери, туку напротив, мотив за зближување, за развивање емпатија и градење силно општество. Тоа е и мојата порака до нив“, нагласи министерката.

Јаневска рече дека поддршката од околу 2,4 милиони денари не била доволна, но имајќи го предвид законското решение кое било на сила во моментот на објавување на конкурсот, постоела можност за обезбедување дополнителни средства.

24.02.2025 - 15:17

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега