Илиевски: СДСМ повторно ќе го поднесе Законот за минимална плата од 500 евра

 

СДСМ јавно ја изразува својата целосна поддршка на синдикатите за зголемување на минималната плата на 500 евра. Ова не е само барање на работниците,  ова е неопходно, ова е мерка која ќе им го олесни тешкиот живот на многу македонски семејства, изјави потпретседателот на СДСМ Методија Илиевски на прес-конференција.

Економските податоци се поразителни, инфлацијата изнесува 4,8%, што значи дека граѓаните денес имаат помалку пари во џебовите и живеат потешко.

Цените растат, платите стагнираат, стандардот опаѓа.  Секој ден граѓаните гледаат и чувствуваат на своја кожа како оваа власт на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ е неспособна да го подобри животниот стандард.

За нив важен е само бизнис интересот, личното богатење, луксузот на функционерите, со папаја, манго, приватни авиони, додека народот живее сè потешко и посиромашно.

Младите, пензионерите, работниците, земјоделците сите се борат со високи цени, ниски плати и неизвесна иднина.

Си купуваат нови луксузни возила, нов мебел, нови кабинети, луксузни патувања, значи за владините функционери сè да има ново, луксузно, отмено, а за граѓаните, трошки леб и сол.

Оваа власт нема ниту план, ниту економска политика, а нема ниту желба да им помогне на луѓето.  Не ги слуша барањата на синдикатите за поголеми плати, не презема мерки за намалување на цените туку анализираат.

Владата е слепа за ситуацијата во која се наоѓаат илјадници работници, кои едвај го минуваат месецот.

Затоа, СДСМ јавно ја изразува својата целосна поддршка на Синдикатите за зголемување на минималната плата на 500 евра!

Ова не е само барање на работниците,  ова е неопходно, ова е мерка која ќе им го олесни тешкиот живот на многу македонски семејства.

Веќе еднаш СДСМ ги поднесе законските измени за поголема минимална плата, за покачување на сите плати, но ВМРО-ДПМНЕ ги одби.

Ние нема да се откажеме.  СДСМ повторно ќе го поднесе Законот за минималната плата од 500 евра. За достоинствен живот и за фер плати.

Ќе видиме кој ќе гласа „ЗА“ народот, а кој повторно ќе го сврти грбот на народот.

СДСМ е и ќе остане гласот на работниците, на сите граѓани. СДСМ ги слушаше и почитуваше работниците, и сега е така.

Нашата борба продолжува, за 500 евра минимална плата, за зголемување на платите во сите сектори и за достоинствен живот,  изјави потпретседателот на СДСМ Методија Илиевски на прес-конференција..

09.08.2025 - 15:12

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега