Хрват загина во Украина: „Тој го користеше сопственото тело за да ги заштити своите другари во последните моменти“

 


Тони Херцег, Хрват од Босна и Херцеговина и офицер на француската армија, загина на 6 мај во Луганск, Украина. Дипломатски извори за РТЛ неофицијално потврдија дека Тони имал и хрватско државјанство, пишува „Индекс.хр“.

Се наведува дека Херцег се истакнал како офицер во мировните мисии ширум светот, а неговите соборци сведочат дека во последните моменти со своето тело ги заштитил припадниците на единицата со која командувал и ги спасил ранетите од непосредна смрт.

Херцег е внук на поранешниот премиер на Херцеговско-неретванската жупанија, Невенко Херцег, пишува „Херцеговина.инфо“. Потекнувал од херцеговско семејство кое било населено во Лион, Франција од воените години во Босна и Херцеговина, а бил професионален војник во француската армија. Не е прецизирано дали станува збор за Легијата на странците, но се знае дека после тоа се приклучил на 3-та ударна бригада на украинската армија, пишува тој портал.

Ќе биде погребан во Загреб.

Третата посебна јуришна бригада на вооружените сили на Украина беше формирана во 2022 година како дел од пошироката реорганизација на волонтерски единици во редовната армија. Бригадата стана позната по својата улога во најинтензивните битки – од Бахмут и Авдијивка до регионот Луганск. Нејзините членови се обучени за урбана борба, чистење ровови и брзо маневрирање на линијата на фронтот.

Иако формално е под команда на украинската армија, бригадата наследи дел од структурата и персоналот на баталјонот Азов, кој стана дел од Националната гарда. На чело на бригадата е Андриј Билецки, поранешен командант на Азов.

23.05.2025 - 16:51

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега