Хорор го потресе светот: Речиси 800 останки од бебиња пронајдени во септичка јама

 


Екипи во Ирска почнаа со работа оваа недела на ископување на местото на поранешен дом управуван од црква за невенчани жени и нивните бебиња за да ги идентификуваат остатоците од речиси 800 доенчиња и мали деца што починале таму.

Според властите, многу од остатоците биле пронајдени во септичка јама, објави „Фокс 11“.

Домот „Бон Секурс“ во Туам, во западна Ирска, кој бил управуван од ред на католички калуѓерки и затворен во 1961 година, бил една од многуте такви институции во кои биле сместени десетици илјади сирачиња и невенчани бремени жени, кои биле принудени да се откажат од своите деца во текот на поголемиот дел од 20 век.

Во 2014 година историчарката Кетрин Корлес пронашла посмртници за речиси 800 деца, кои починале во домот во Туам помеѓу 20-тите и 1961 година, но можела да најде запис за погреб само за едно дете.

Истражителите подоцна пронајдоа масовна гробница со остатоци од бебиња и мали деца во подземна канализација на земјиштето на домот. ДНК-анализата покажа дека возраста на починатите се движела од 35 недели стари плодови до 3-годишни деца.

Обемната истрага во домовите за мајки и бебиња покажа дека вкупно 9.000 деца починале во 18 дома за мајки и бебиња, а главните причини вклучуваат респираторни инфекции и гастроентеритис, познат и како стомачен грип.

Сестрите што го водеа домот во Туам понудија длабоко извинување и признаа дека не успеале да го заштитат вроденото достоинство на жените и на децата сместени таму.

„Тоа е многу, многу тешка, потресна приказна и ситуација. Мораме да почекаме да видиме како ќе се одвива сега како резултат на ископувањето“, рече ирскиот премиер Мајкл Мартин во понеделникот.

Даниел Мексвини, кој ја води ексхумацијата на останките од бебињата во Туам, рече дека преживеаните и членовите на семејствата ќе имаат можност да ги видат работите во наредните недели.

„Ова е уникатно и неверојатно комплексно ископување“, рече тој.

Форензичките експерти ќе ги анализираат и ќе ги конзервираат останките пронајдени на локацијата. Сите идентификувани останки ќе им бидат вратени на членовите на семејството во согласност со нивните желби, а неидентификуваните останки ќе бидат погребани со достоинство и почит, соопштија официјални лица.

Се очекува работите да траат две години за да се завршат.

18.06.2025 - 15:34

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега