Герасимовски: Салата Работнички во финална фаза, завршен административниот дел, се уредуваат теренот и трибините
Во моментов се работи на инсталациите, внатрешната финализација, како и на горните делови од објектот и фасадата.
Основната бетонска конструкција на гледалиштето е комплетно завршена, а трибините се оформени и поставени метални потпори за седишта. Следната фаза вклучува поставување кошулица и подно греење, а монтажа на подот е закажана за 20 септември.
Во тек се подготовки за поставување семафори и кошеви, како и поставување вентилациони канали за одвод на чад. Во долниот дел од салата се изведуваат работи на тоалетите и соблекувалните.
Административниот дел, каде што ќе бидат сместени спортските федерации, се финализира. 90 проценти од просториите се веќе готови.
Конструкцијата на кровот е целосно завршена, а вградените прозорци овозможуваат природна светлина во просторот.
„Градежните активности одлично напредуваат и веќе се гледа крајот. Федерациите ќе имаат современи услови за работа, КК „Работнички“ ќе се врати во својот дом, а Скопје ќе добие современа спортска сала, како за спортистите, така и за публиката“, изјави градоначалникот Герасимовски.
Реконструкцијата се одвива во две фази, од кои првата е завршена, а сега се реализира финалната втора фаза со која салата ќе добие целосно нов и модерен изглед, усогласен со ФИБА стандардите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа