Филипче: Ако Владата има предлог што ќе ја зацврсти нашата преговарачка позиција со ЕУ, ние ќе го поддржиме

 

Кој било предлог од Владата, кој би ја подобрил нашата преговарачка позиција со ЕУ, ние ќе го поддржиме, но неопходно е ставовите да ги усогласиме преку дијалог на најголемите политички партии.

Ова е ставот на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, меѓу другото, вели дека иницира лидерска средба не заради својот политички рејтинг, туку поради тоа што е потребен национален консензус и заедничко толкување на договорот и протоколите од летото 2022 година.

„Овие прашања во однос на преговорите со ЕУ, тоа е еден процес којшто ние не можеме да го занемариме. Тоа е еден процес којшто очигледно е дека различно се толкува, различно се прикажува, се користи за партиски ПР пред или после секој изборен циклус. Мислам дека по примерот на други земји, за тоа прашање е многу важно да имаме заеднички ставови“, изјави Филипче.

Осврнувајќи се на начините за деблокада за кои деновиве зборуваше претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, а кои предвидуваат носење декларација од Европскиот парламент за афирмација на македонскиот идентитет и јазик, став од Советот на ЕУ дека историската комисија не може да биде основа за вето во текот на преговорите (или потпишување трет протокол со Бугарија), како и спроведување на некоја од пресудите од Стразбур за формирање здружение на Македонците кај источниот сосед, Филипче вели дека не само што ќе се согласат туку и ќе се заложат за такво нешто во европските институции.

„Што и да биде од ова на масата, кој било предлог, ние ќе дадеме поддршка. Еве, ќе се ангажираме во Европскиот парламент преку групата на социјалисти и демократи таков еден документ, декларација или како и да се вика тој документ, да биде изгласан. Час поскоро. Иако сметам дека за историската комисија е јасно дефинирано дека не влијае на преговорите, еве, се согласувам, апсолутно, ако може убаво да се дефинира и јасно да стои во некој нов, трет протокол, како што најави претседателката, ние даваме поддршка“, изјави Филипче.

На обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека блокираниот ЕУ-процес е последица на политиките на претходната влада, претседателот на СДСМ вели – тоа е завршена работа и цената ја плативме на изборите.

„Жалам што премиерот одби лидерска средба. Сметам дека малку е лицемерно ден-два претходно да повикува на национален консензус, а притоа да не е спремен на маса да дебатираме што е важно за националниот консензус, кои се тие прашања околу коишто треба да се обединиме, да постигнеме консензус за да можеме да продолжиме напред и притоа да водиме сметка дека ние не сме бинационална туку мултинационална држава“, изјави лидерот на најголемата опозициска партија.

26.05.2025 - 21:34
Фото: 
360 Степени

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега