Фетаи: Градиме нов модел на владеење врз урнатините на корупцијата

 


Вицепремиерот задолжен за политики за добро владеење, Арбен Фетаи на денешната прес-конференција ги претстави тековните и идните политики во областа на доброто владеење во првата година од мандатот на новата Влада. Фетаи нагласи дека првата година беше тежок период, но, како што рече, беше година на надежта.

-Оваа прва година беше тежок период, но беше година на надежта затоа што не почнувавме од нула туку од минус. Наследивме разурнат, злоупотребуван и корумпиран систем. Но врз тие урнатини почнавме да градиме нов модел на владеење со темели на чесност, професионализам и транспарентност. Што затекнавме кога почнавме? Финансиско крвавење со над 70 проценти од буџетот потрошени во првите пет месеци од годината. Структуриран криминал и корупција во секоја институција, во секој сектор. Стотици милиони евра од парите на граѓаните беа злоупотребени и за тоа одговорните почнуваат да носат одговорност. Стратегии, планови одобрени, но останати во фиоки мртви на хартија. Правосуден систем заробен од параполитики и олигархијата . Систем што работеше против јавниот интерес, против граѓанинот.  Што направивме да ја смениме оваа состојба? Сме ветувале искреност, посветеност и вистинска промена. И оваа ја започнавме од сржта на проблемот – недостаток на политичка волја за борба против корупцијата и за изградба на одговорно владеење.  Во соработка со нашите меѓународни партнери НДИ, УНОПС, УСАИД, на кои искрено им се заблагодарувам за поддршката. Го изготвивме годишниот план за добро владеење за 2025 година, достапен за секого на веб-страницата на Владата. Овој План се темели врз четири основни столба – превенција и борба против корупција, зајакнување на капацитетите за финансиски истраги и конфискација на незаконски стекнат имот, транспарентност и пристап до информации за граѓаните, стратешки дијалог со граѓанското општество, рече тој.

Вицепремиерот нагласи дека во оваа прва година направиле конкретни чекори за да ја вратат довербата и да изградат држава која им служи на граѓаните.

-Во однос на борбата против корупцијата – го формирав Меѓуресорското тело за координација за борба против корупцијата во кој за првпат право на глас добија и граѓанските организации, затоа што борбата против корупцијата не е само институционална туку општествена. Ова тело веќе ја усвои методологијата за интегрирање антикорупциски мерки во преговорите со ЕУ и моментално се реформира за да стане поефикасна. Исто така, ги зајакнуваме механизмите за надзор и политички поттик на борбата против корупцијата на политичко ниво. Второ – Повторно градење доверба со граѓанското општество. Советот за соработка со цивилното општество престана да функционира во 2022 година Значи, две изгубени години каде немаше повеќе дијалог помеѓу државата и цивилниот сектор. Ние го оживеавме Советот за соработка со граѓанското општество. Одржавме три состаноци и ја подготвивме новата стратегија за соработка која наскоро ќе биде усвоена од Владата. Повторно воспоставивме структурен, отворен и конструктивен дијалог со граѓанското општество, кој е коректив и набљудувач на владината работа, кој нуди услуги на граѓаните и им дава глас на оние кои не се слушаат. Тоа е доказ дека ние не се плашиме од критика. Напротив, ја поздравуваме, рече тој. 

Фетаи информира дека во рамките на оваа година Владата ја има усвоено новата Стратегија за финансиски истраги и конфискација на имотот. 

-Нашите меѓународни партнери, особено ЕУ секоја година бараат конкретни резултати во борбата против криминалот и корупцијата. Правосилни пресуди во случаи на висока корупција и конфискација на нелегално стекнати средства. Во претходното владеење не се памети случај каде моќници биле правосилно осудени за корупција. Трендот на конфискација наместо да расте, постојано опаѓаше се до нула. Ова ќе се смени. Ја усвоивме новата Стратегија за финансиски истраги и конфискација на имотот. Го основаме Националниот совет со кој ќе претседавам јас, за да ја претвориме оваа стратегија во конкретна акција. Имотот стекнат со криминал ќе оди во буџетот на државата за граѓаните, за социјален развој, а не во џебот на корумпираните, рече тој.

Фетаи информира дека во владина постапка поднеле информација со конкретни мерки и итно дејствување од страна на институциите во однос на подобрување на транспарентноста.

-Подобрување на транспарентноста. Постоечката државна стратегија за транспарентност беше речиси неспроведена во практика. Побарав проценка на нејзината примена за време на претходната Влада и утврдивме дека спроведувањето било едноцифрено во проценти. Затоа, поднесовме во владина постапка информација со конкретни мерки и итно дејствување од страна на институциите, со цел подобрување на транспарентноста. Исто така, да ја консолидираме идејата за нова стратегија поконкретна и поприлагодлива за спречување злоупотреби со државен имот. Ова е еден од моите главни приоритети од првиот ден, рече вицепремиерот.

Информира дека дека моментално работат на креирање на првиот регистар на државен недвижен имот.

-Историски чекор заснован на најдобрите европски практики, особено хрватскиот модел. Во овој момент, јавните институции пополнуваат онлајн формулари со податоците за имотите кои ги поседуваат или користат. Во буџетот на Министерството за дигитална трансформација издвоени се средства за набавка на софтвер за овој регистар кој наскоро ќе стане реалност. 

Вицепремиерот соопшти дека за спречување на злоупотреби, во соработка со Службата за општи и заеднички работи, Министерството за внатрешни работи и Министерството за економија работат на креирање на регистар на службени возила. Потенцира дека до септември сите службени возила ќе бидат опремени со посебна боја на табличките, што, како што рече, се очекува да се стави крај на злоупотребата на нивната употреба за неофицијални цели.

Најави дека во ноември за првпат во регионот, нашата земја ќе ја организира регионалната конференција за координација во областа на безбедноста во соработка со Советот за регионална соработка и Владата на Италија. 

А, во декември, по повод Меѓународниот ден против корупцијата, во земјава ќе се одржи Регионалната конференција за борба против корупцијата. - Целта ни е оваа конференција да стане традиционална и Северна Македонија да се позиционира како регионален лидер на оваа поле, рече вицепремиерот Фетаи. 

27.06.2025 - 15:06

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега