Европските сојузници на Украина: Нема укинување на санкциите за Русија

 

Европските сојузници на Украина, на денешниот состанок во Париз, едногласно се изјаснија против какво било укинување на санкциите кон Русија. Воедно Франција и Велика Британија изразија подготвеност да распоредат војски во Украина како „гаранција за безбедност.

Во таа насока, француско-британска мисија ќе замине „во следните денови за Украина“, објави францускиот претседател Емануел Макрон. Париз и Лондон веќе се водечки земји во мобилизацијата за поддршка на земјата, нападната од Русија пред повеќе од три години.

Мисијата ќе треба да подготви и „каков ќе биде форматот на украинската армија“, која останува главната „гаранција за безбедност“ на Киев, појасни Макрон по состанокот на кој учествуваа околу 30 држави.

Во однос на економското прашање, земјите што ја поддржуваат Украина „едногласно одлучија“ дека санкциите против Москва не смеат да се укинат, и покрај тоа што Вашингтон размислува за таков чекор, увери францускиот претседател.

– Има консензус дека сега не е моментот за укинување на санкциите, категорично изјави британскиот премиер Кир Стармер. – Напротив, разговаравме како да ги зајакнеме, додаде тој, изразувајќи задоволство што Европа се „мобилизира“ за мир во Украина „во невиден обем со децении“.

-Ќе бидеме подготвени да спроведеме мировен договор кога неговата форма ќе биде јасна и ќе работиме заедно за да ја гарантираме безбедноста на Украина, за да може да се брани и спречува напади во иднина, рече Стармер на прес-конференција во Париз по средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски и други лидери од т.н. коалиција на подготвените. Тие се собраа во француската престолнина за да разговараат како да се зајакне позицијата на Киев пред претстојните мировни преговори и каква улога може да одигра коалицијата ако се постигне мировен договор со Русија.

-Би било голема грешка да се укинат, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц. „Тоа нема смисла додека мирот не биде реално воспоставен, а за жал, сè уште сме далеку од тоа.“

Додека Русија неколку недели води разговори со Вашингтон, кој по секоја цена сака примирје во Украина, учесниците на средбата во Париз покажаа голема недоверба, посочува АФП, пренесува БТА. Слично на Зеленски, кој рече дека Русија не сака „никаков вид мир“, туку се обидува да ги одолговлекува преговорите за да заграби повеќе украинска територија.

-Украина имаше храброст да прифати безусловно примирје. Немаше руски одговор, туку само нови услови од Москва и засилени напади, резимираше Макрон, критикувајќи ја стратегијата на Кремљ: „Да се преправа дека ќе почне преговори за да го обесхрабри противникот, а истовремено да ги засилува нападите.“

Под притисок на САД, Киев на 11 март прифати 30-дневен прекин на борбите. Во вторникот, по разговори со посредство на Вашингтон во Саудиска Арабија, беше објавен условно договор за делумен прекин на огнот во Црното Море и мораториум на нападите врз енергетски објекти. Москва побара и укинување на ограничувањата за извоз на руски земјоделски производи – идеја поддржана од Белата куќа.

Целта на средбата во Париз беше да се изрази ставот на Украина и нејзините поддржувачи додека Русија и САД водат директни разговори, како и да се „финализираат“ „безбедносните гаранции“ за Украина во случај на евентуален мир.

И покрај едногласноста за санкциите, европските сојузници на Украина не постигнаа согласност за предлогот за распоредување странски вооружени сили во земјата за спроведување на потенцијален мировен договор, при што само некои сакаат да учествуваат.

Француско-британскиот предлог за распоредување европски контингенти во Украина „не наиде на целосна согласност“, призна Макрон, но вети дека во случај на мир ќе има „сили за гарантирање на безбедноста“ од неколку европски земји, без да се ослабне источниот фронт на НАТО.

Овие војски „не се наменети да бидат миротворци, да стојат на линијата на судир или да ги заменат украинските сили, нагласи Макрон. Тие ќе бидат испратени на „некои стратешки места, однапред договорени со Украинците, и ќе имаат „одвраќачки карактер“, појасни тој.

Портпаролката на руското МНР, Марија Захарова, денеска ги обвини Франција и Велика Британија дека подготвуваат планови за „воена интервенција во Украина“ под плаштот на миротворна мисија. Таа предупреди дека тоа може да доведе до директен судир меѓу Русија и НАТО, пренесе ТАСС.

Средбата на „коалицијата на подготвените“, како што ја нарече Макрон, траеше повеќе од три часа во Елисејската палата.

Меѓу лидерите од земјите на ЕУ и/или НАТО што учествуваа беа италијанската премиерка Џорџа Мелони, полскиот премиер Доналд Туск, бугарскиот премиер Росен Жељазков и турскиот потпретседател Џевдет Јилмаз.

Бугарија предложи формирање на мултинационален поморски координативен центар за обезбедување на безбедноста на пловидбата во западниот дел на Црното Море и да биде домаќин на истиот, јави БТА.

– Целта е да се утврдат насоки за пловидба и да се вршат активности за набљудување – по воздух и вода, на критичната инфраструктура и на сите потенцијални непријателски дејства во Црното Море, рече Жељазков по средбата. Според него, обновувањето на трговската пловидба е клучно, бидејќи влијае не само на соседните земји, туку и на целиот промет Исток – Запад.

Форумот се одржа по серија политички и воени средби организирани од средината на февруари од Париз и Лондон, паралелно со преговорите што ги води администрацијата на Трамп со Киев и Москва.

27.03.2025 - 18:13

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега