Европските лидери упатија зборови на поддршка за Зеленски по средбата со Трамп
Европа се солидаризира со украинскиот претседател Володимир Зеленски по хаосот на средбата со американскиот колега, Доналд Трамп. Дел од европските лидери споделуваат првични реакции на средбата со зборови за поддршка за Украина.„Постои агресор, а тоа е Русија, постои нападнат народ, тоа е Украина. Мислам дека бевме во право што ѝ помогнавме на Украина и ја санкциониравме Русија пред три години и продолживме да го правиме тоа. Мораме да ги почитуваме оние кои се борат од почетокот“, изјави францускиот претседател Емануел Макрон за новинарите во Португалија пред крајот на неговата посета на земјата.
Зеленски и украинскиот народ го поддржаа и полскиот премиер и експретседател на Европскиот совет Доналд Туск, премиерот на Шпанија, Педро Санчез, премиерот на Шведска, Улф Кристерсон, претседателот на Литванија, Гитанас Наузеда и министерот за надворешни работи на Естонија, Маргус Цахкна.
„Почитуван Зеленски, драги украински пријатели, не сте сами“, напиша полскиот премиер и поранешен претседател на Европскиот совет, Доналд Туск, во објава на Икс.
„Украина, Шпанија е со вас“, порача шпанскиот премиер Педро Санчез.
„Шведска стои со Украина. Вие не се борите само за својата слобода, туку и за цела Европа. Слава на Украина“, порача премиерот на Шведска, Улф Кристерсон.
„Украина, никогаш нема да чекориш сама“, напиша во објава на Икс претседателот на Литванија, Гитанас Наузеда.
„Единствената пречка за мирот е одлуката на Путин да ја продолжи својата агресивна војна. Ако Русија престане да се бори, нема да има војна. Ако Украина престане да се бори, нема да има Украина. Поддршката на Естонија за Украина останува непоколеблива. Време е Европа да се засили“, порача министерот за надворешни работи на Естонија, Маргус Цахкна.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа