Дива зграда изградена лани, Ганиу се обидел да прикаже дека постои уште од 2011: Арсовска повторно во лов на дивоградби (ВИДЕО)

 

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска повторно се вклучи во живо на нејзината официјална Фејсбук страница во лов на дивоградби. Остро го нападна градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу, обвинувајќи го за сериозни нерегуларности и злоупотреби при легализација на зграда изградена на живо. 

Го покажа објектот за која тврди дека е изградена без соодветна документација на државно земјиште. Но покрај тоа, според Арсовска, зградата била легализирана врз основа на, како што вели градоначалничката, фалсификувани документи. Според неа, објектот е изграден лани, а во документацијата е напишано дека објектите постојат уште од 2011 со цел да бидат опфатени со последните измени и да може да биде легализиран.

Според градоначалничката, станува збор за објект од 10 ката, кој првично бил одбиен од страна на Град Скопје, но подоцна сепак е впишан во Катастар.

-Фалсификувањето документи е кривично дело. Ќе одговараш, Ганиу. Те чекам на главна каса, порача Арсовска во обраќањето, потенцирајќи дека ова е веќе втора зграда во Чаир која била легализирана на сличен начин.

По ова видео Арсовска беше на средба во Агенцијата за катастар на недвижности. Од директорот Иван Живсковски побарала, и добила на увид, документација која општина Чаир ја поднела во Катастар, за што кажа дека е задоволна. 

-Тоа што го побаравме е да извршиме увид во документацијата од аспект на тоа да се докаже она коешто го имаме и кај нас во документација, а неспорно е дека општината Чаир го има внесено во системот на Агенцијата за катастар на недвижнини. Ќе имаме можност да го подигнеме од Катастарот и потоа врз база на истото да покренеме постапки пред соодвените надлежни институции, да почнат да постапуваат, имајќи предвид дека станува збор за еден груб фалсификат. Нешто што коешто во моментот е невидено во Македонија, рече Арсовска.

Вели дека досега Град Скопје на општина Чаир му вратило над 150 дивоградби. Ова, според неа, е добра основа надлежните институции да постапуваат во рамки на своите надлежности, велејќи дека сѐ што е во рацете на Градот е преземено. 

-Ние постапивме, е сега очекувам и останатите кои во изминатите денови говореа, да не останат на таа празна реторика, да постапат, рече Арсовска приложувајќи документи пред камерите за кои таа тврди дека е фалсификувана.

27.05.2025 - 17:58

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега