Димовски: Отстапки во делот на учеството на СПМ во однос на претходните избори не би требало да има
Не би требало да има големи отстапки во учеството на СПМ на локалните избори во однос на претходните избори, изјави Љупчо Димовски, претседател на Социјалистичката партија на Македонија и вицепремиер за политички систем прашан за очекувањата за кандидати за градоначалници на претстојните локални избори.
- Ние ќе се раководиме според расположението на јавноста и резултатите од анкетите. Таму каде што ќе се покаже дека наш кадар има добри изгледни шанси да биде градоначалник, постојат можности ние да го кандидираме, да го прифати нашиот коалициски партнер за да оди на избори. Инаку, генерално, мислам дека големи отстапки во делот на учеството на СПМ во однос на претходните избори не би требало да има, рече Димовски во интервју во Дневникот на ТВ Сител.
На неодамнешниот партиски Конгрес тој беше повторно избран за претседател на Социјалистичката партија која, пак, две децении е во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. На прашањето на што се должи тоа, одговори „пред сè заради довербата“ и затоа што за националните прашања немаат никакви разлики.
- Пред сè заради довербата едни во други, второ, заради искрениот настап и соработката што сме ја имале во секое поле и, трето, заради слухот на ВМРО-ДПМНЕ за оние прашања кои се од интерес на СПМ да бидат дел од владите со кои се раководело ... По основ на националните прашања немаме никакви разлики. За жал, 120 години сме историски вратени назад и сосема е реално СПМ да соработува со ВМРО особено за националните прашања, истакна Димовски.
„Многу несериозно и неодговорно однесување во политиката“ го нарече излегувањето на Арбен Таравари од Владата и смета дека со промените во Вреди, Владата дополнително ќе добие на квалитет во функционирањето и ефикасноста.
Во однос на предлогот од Вреди министер за здравство да биде Азир Алиу, кој по професија е информатичар, претпоставува, рече, дека има добри менаџерски способности и оти ќе може „да се справи со многуте проблеми во здравството“.
Како што рече, можеби е предност да биде надвор од системот на здравството затоа што „со подруга диоптрија ги гледа сите проблеми и може да најде поефикасни решенија“.
- Сепак, последниот збор да му го оставиме на премиерот за прифаќање или одбивање на предлогот, додаде Димовски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа