Димитровски-Блинкен: Поддршка од САД за дијалог со Софија за откочување на Македонија на патот кон ЕУ

 

Заменик министерот за надворешни работи Зоран Димитровски, учествува на Министерскиот совет на ОБСЕ кој се одржува на Малта, со учество на министри за недворешни работи и високи претставници на 57 земји учеснички и 11 азиски и медитерански партнери за соработка.

Состанокот се случува во исклучително сложен геополитички контекст, предизвикан од Руската агресија врз Украина, информираат од неговиот кабинет.

Димитровски, во својство на претседавач со ОБСЕ во 2023 година и член на ОБСЕ тројката претседаваше со втората сесија на Министерскиот совет.

Во обраќањето пред министрите, осудувајќи ја агресијата, Димитровски се придружи на повиците до Руската федерација да ги повлече силите од Украина и да стави крај на војната и страдањето на населението.

„Оваа војна мора да прекине. Храбрите и отпорни граѓани на Украина заслужуваат достоинствен и праведен мир, а правдата мора да надвладее. По завршувањето на агресијата, ОБСЕ ќе биде во можност целосно да ја реализира својата мисија на продлабочување на дијалогот, изградба на доверба и промовирање на сеопфатна и неделива безбедност”, истакна Димитровски.

Ја нагласи и улогата и конкретниот придонес на нашата држава како поранешен претседавач кон функционалноста на ОБСЕ и нејзината релевантност.

На маргините на министерскиот совет, Димитровски оствари куса средба со државниот секретар на САД, Ентони Блинкен.

Во таа прилика, Димитровски се заблагодари на поддршката на САД за европските интеграции на МКД и изрази уверување дека со помош на САД, како наш стратешки партнер, во дијалог со Софија ќе се надминат пречките за нашите европски интеграции и ќе се овозможи забрзано интегрирање во Европската унија.
Државниот секретар на САД Блинкен го нагласи нашето партнерство во НАТО, се заблагодари на улогата што Македонија ја има како активен партнер во Алијансата и вети дека на својот наследник од новата администрација ќе му ги пренесе пораките за продолжување на поддршката на интеграцијата на Западен Балкан и Македонија во ЕУ, како и на мирот и стабилноста на регионот.

Во рамките на денешното учество,Димитровски зборуваше и на панел дискусијата посветена на 20 годишнината од усвојувањето на Акцискиот план за родова еднаквост на ОБСЕ, при што ја истакна нашата улога и заложби за конзистентна имплементација на политиките и процесите за овозможување на родова еднаквост низ регионот на ОБСЕ.

05.12.2024 - 19:10

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега